1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нови корона-рестрикции во Германија

Фолкер Витинг
24 април 2021

Долго време во Германија се водеше дебата за унифицирани антикоронавирус правила, на кои инсистираше канцеларката Ангела Меркел. Од денеска стапи на сила „ургентна корона-кочница “. Ова се најважните мерки. 

https://p.dw.com/p/3sUpJ
Deutschland Coronavirus l Nächtliche Ausgangssperre in Köln
Фотографија: Mika Volkmann/picture alliance

Во Германија долго време се натегаа околу воведување унифицирани правила за сите сојузни покраини во борбата против корона-пандемијата. Сега конечно се донесени. Бундестагот, Бундесратот и сојузниот претседател се договорија дека од денеска (24.04.2021) почнува примена на „ ургентна корона-кочница “ во цела Германија.Покраините кои досега издаваа различни регулативи повеќе не се надлежни за ова. Токму различните регулативи постојано предизвикуваа конфузија и недоразбирање.

Новиот закон ќе важи за сите региони и градови во целата земја во кои седумдневната инциденца од над 100 случаи (на 100.000) е регистрирана три дена последователно. Според актуелната состојба тоа значи дека речиси во цела земја од сабота ќе се активира „ ургентна корона-кочница ".

Полициски час

Меѓу 22.00 навечер и 5.00 часот наутро се воведува полициски час. Забрането е напуштање на домовите. Меѓу 22.00ч. и 24.00ч. е дозволено „само вежбање на отворено“. На пример џогирање или пешачење во населба. Спротивно на ова домот може да се напушти само во случај „на опасност по животот или домот“. Дозволено е и одење на работа, како и одредени исклучоци во итни случаи.

Приватни контакти.

Членови на едно домаќинство смеат да се видат и да се дружат со максимум едно лице од друго домаќинство. Тука не се сметаат деца помлади од 14 години. На погреб пак може да присуствуваат максимум 30 лица.

Училишта

На тема коронавирус во училиштата меѓу сојузните покраини се води жестока расправа. Дел од учениците во Германија со месеци не биле физички во училиште и следат настава онлајн. Брзите тестови треба да помогнат. Учениците и наставниците за настава во живо мора да се тестираат два пати неделно. Но, во случај на инциденца над 100, се предвидува наизменична настава, односно само половина од учениците може да присуствуваат на час во училница.

Новина е дека во случај на седумдневна инциденца од 165 три последователни дена, физичка настава не е дозволена. Досега вредноста беше над 200. Само доколку инциденцата пет последователни дена е под 165 ќе може да се вратат на физичка настава според пропишаните правила. Ова правило важи и за стручните училишта, универзитети и други образовни институции и градинки.

Купување

Добрата вест гласи: продавницитеза секојдневни потреби како супермаркети и продавници за храна, дрогерии, книжари и аптеки остануваат отворени, независно од бројот на заразени. За останатите продавници, при инциденца меѓу 100 и 150 купувањето е возможно ако муштеријата приложи негативен корона-тест и има претходно закажан термин. Во секој случај е задолжително носење медицинска маска. Доколку инциденцата се покачи над 150, тогаш е можно само подигање на претходно направена нарачка или таканаречено Click&Collect.

Работа од дома

Познато е дека голем број луѓе се заразуваат со коронавирус на работно место. Наместо досегашната препораката сега работа од дома е задолжителна секаде каде што може да се спроведе. Отсега важи правилото: работодавачите се должни да понудат алтернатива за работа од дома, но и вработените мора да ја прифатат оваа опција доколку им се понуди „се додека нема причини за спротивното“. Ова го вели и новиот закон за заштита од инфекции. Компаниите мора на своите вработени да им овозможат и два пати неделно бесплатни корона-тестови.

Култура и гастрономија

За културата и гастрономијата продолжуваат тешките времиња. Ако инциденцата над три последователни денови е преку 100, ќе важат строги мерки. Во тој случај ќе останат и натаму затворени театрите, оперите, концертни сали, клубови, кина итн. Тежок удар за фелата. Планови за нови претстави се просто невозможни, критикуваат уметниците. Надворешните делови од зоолошки и ботанички градини ќе останат отворени за посетители, кои ќе приложат негативен корона тест. Гастрономијата е меѓу најтешко погодените бранши. Ако инциденцата биде над 100, ресторани и кантини треба да останат затворени. Исклучоци важат само за центри за рехабилитација и домови за нега. И натаму е дозволено земање или достава на храна и пијалоци. Забрането е издавање простор на туристи.

Времетраење на мерките

Сите мерки за сега се ограничени до 30 јуни. До сега се велеше дека „ургентната корона-кочница” треба да важи само додека во Германија има епидемија од национални размери. Бундестагот тоа мора да го дебатира на секои три месеци.