1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Кале до крстот: Стар филм, нова проекција!

Катерина Блажевска4 март 2016

Не е важно само да се напише „Не сакаме Скопје да се претвори во Белфаст, Ерусалим или Бејрут“. Поважно е да се утврди кој го подотвува теренот за тоа, порачуваат граѓани од Бутел.

https://p.dw.com/p/1I74q
Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Гламјосана палма, уништен камен темелник за крст и затрупан со земја, и шатор за партиските чувари на ваквата глетка. Тоа е видливиот дел од она што остана по синоќешниот протест против подигањето крст во општина Бутел, организиран од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и предводен од нејзини министри и пратеници - Абдулаќим Адеми, Беким Незири, Талат Џафери, Артан Груби, Рафиз Алити, Ермира Мехмети... Благослов им даде партискиот лидер, Али Ахмети, кој на новинарски прашања дали протестот на ДУИ може да ја влоши безбедносната состојба во земјата, децидно одговори: „Протестите се столб на демократијата!“

Допрва ќе се утврдува суштинскиот биланс од штетата.

Прочитани манипулации

Што гореше синоќа во Бутел: палма, меѓуетничката доверба или пламенот кој треба да го згрее и живне замрзнатиот рејтинг на ДУИ? Сѐ е во игра кога доаѓаат избори, велат граѓани на општината, Македонци и Албанци. Азис Н. (42) жител на општината, го слушнал повикот за протест. На враќање од работа поминал покрај демонстрантите, но не останал таму. Си заминал дома.

„На протестот беа сите главни фактори на ДУИ и нивни партиски луѓе. Сите тие седат во иста Влада и во ист парламент со ВМРО-ДПМНЕ, со нив си делат бизниси, со нив си вработуваат свои луѓе, со нив нека си го решат проблемот. Што ќе сум им јас? Кој сум јас? Никој и ништо. Невработен. Јас немам време за протести. Три деца и тешко болни родители чекаат да им донесам леб и лек. За тој леб аргатувам на две места. Четиринаесет часа работам 'на диво' за ситна пара. Никој од ниедна партија не ме прашал како живеам. И да има крст и да нема крст, и да има орел и да нема, мене тоа ништо не ми менува. Живеам во мизерија и тоа ми е главната мака“, вели Азис.

DUI-Parteiführung
Раководството на ДУИФотографија: DW/S. Toevski

Се помалку граѓани денес им веруваат на партиските „солзи“.

„Не си дозволувам на овие години да ме прелажат, ни едните ни другите“, категоричен е Ратко М. (62), жител на општината.

„Едните патриоти, дргите патриоти, а земјава се повеќе пропаѓа. Да бидам искрен, до пред 10-15 години, наивно подлегнував на некои повици 'да спасуваме ова-она'. Времето покажа дека се е лага. Не верувам веќе никому. Се плашам само да не ни направат проблеми, да не ни ги нас'скаат децава пак да се тепаат по автобуси, бидејќи пред секои избори го гледаме истиот филм“, констатира Ратко.

Бадентерово мнозинство

Токму на тие поуки од минатото се осврнува аналитичарот Даут Даути, предупредувајќи на опасноста некои активности да излезат од контрола.

„Многумина двоглавиот орел и крстот ги поврзуваат како фингирана ситуација за политички потреби. Не би сакал да верувам дека може да има вистина во такви конспиративни теории, бидејки тоа би било опасно слепило и игра со националните и верските чувства на граѓаните, кое може да излезе од контрола. Ако сме научиле нешто од минатото, тоа е дека со некои работи не треба никој да игра. Особено не оние кои сакаат одбележување на просторот и прикажување кој е кој во оваа држава, и кои влегуваат во игра како плашила за внатрешната кохезија. Во оваа држава сите субјекти треба да знаат дека законите се за да почитуваат, а не за да бидат мртво слово на хартија. Ако не сме свесни за спецификите на мултиетничкото општество, ако не учиме од грешките, тогаш може да се повторат оние ситуации кои бевме среќни дека ги надминавме“, вели Даути.

Од ДУИ потенцираат дека прашањата од верски и етнички карактер во една општина не можат да се уредуваат без т.н. Бадентерово мнозинство. Од тој аспект, одлуката Советот на општината за подигање крст во атарот на општина Бутел ја сметаат за незаконска, бидејќи е донесена без Бадентерово мнозинство, спротивно од законот. Она што создава сомнеж во намерите за законска разврска на овој случај, е фактот што од ДУИ најавија референдум за ова прашање, а на крајот решија преку протест да му пресудат на камен-темелникот. Од друга страна, одлуката за поставување на симболот - двоглав орел во Чаир, ја сметаат за неспорна и непровокативна.

„Ќе се стационираме тука се додека не се промени одлуката за крстот, која никому не оди во прилог“, повика вчера градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.

Едно се гласа, друго се гради!

Функционери на ДУИ се „стационираа“ со протести и алати за кршење и во случајот со црквата на скопското Кале и со споменикот на цар Душан, за кои претходно биле изгласани одлуки. Но, прашањето е - како? Според Даути, проблемот е во тоа што дел од симболите/обележјата/спомениците, се гласаат без име и содржина, па конфликтите се случуваат подоцна, кога содржината ќе добие форма, а споменикот - име.

„На прашањето дали општина Чаир донела одлука за двоглавиот орел, или само за 'споменик' без содржина, со тоа што содржината би се одредила во финалната верзија, одговорот би бил дека 'патешествието' не било поразлично од споменикот на Александар Велики, кој и ден денес во 'Скопје 2014' формално правно се води како 'Воин на коњ'! Или за десетици, а можеби и стотици други одлуки, за кои не се знае точно под какво име се воделе кога се гласало, а потоа тие да се појават во облик на Ќосето или некој друг. Сетете се на полемиките меѓу ДУИ и ДПА, кога се обвинуваа во чие време почнал проектот 'Скопје 2014'. Од ДУИ велат дека тоа почнало во време на ДПА, а тие велат тоа што го гласале не е оваа што гледаат денес и за соучесништво ја обвинуваат ДУИ. Во право се и двете партии: идејниот проект е изгласан во едно време, а надоградуван подоцна, без доволна контрола што се гласало и што се гради! Премногу 'мижитатара' се играло со процедури и содржини на споменици, премногу работи зад завеса“, заклучува Даути.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Правните експерти укажуваат дека одговорноста за ваквите пропусти, (кои за „Скопје 2014“ беа утврдени и со ревизорски извештај нарачан од општина Центар), е кај власта и институциите што таа ги раководи. Проблемот треба да се реши со правни постапки за утврдување на грешките и одговорноста, а не со протести и пароли.

Таков став делат и граѓани во општината Бутел.

„Не е важно само да се напише 'Не сакаме Скопје да се претвори во Белфаст, Ерусалим или Бејрут'. Поважно е да се утврди кој го подотвува теренот за тоа. Тоа е вистинската задача“, прачуваат тие.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема