1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Киев: Продолжуваат преговорите за војниците во Азовстал

СН/агенции
13 мај 2022

Со меѓународна поддршка, украинското раководство ги продолжува напорите за спасување на војниците во опколената челичарница Азовстал во Мариупол. Роднините на војниците во Киев уште еднаш апелираа за нивна евакуација.

https://p.dw.com/p/4BEVP
Борбите за челичарницата Азовстал продолжуваат
Борбите за челичарницата Азовстал продолжуваатФотографија: Alexei Alexandrov/dpa/AP/picture alliance

Според украински информации руските сили продолжиле да ја бомбардираат челичарницата во јужниот пристанишен град  Мариупол, последното упориште на украинските борци во градот кој речиси во целост е под руска контрола по повеќе од два месеци опсада.

Роднините и симпатизерите на украинските бранители во челичарницата Азовстал повторно излегоа на улиците на Киев и повикаа на засилени напори за нивно спасување. Вчера демонстранти, главно жени, маршираа во центарот на Киев, држејќи транспаренти и скандирајќи „Да се спасат бранителите на Мариупол, да се спаси Азовстал“, „Слава на хероите во Мариупол“ и „Да ја спасиме војската во Азовстал“. 

Евакуација од челичарницата во Мариупол

Официјален Киев пак соопшти дека продолжуваат разговори со Москва за планот за спасување на тешко ранетите војници од Азовстал. Потпретседателката на украинската влада, Ирина Верешчук, изјави дека и Турција се согласила да посредува во преговорите. 

Повеќе: Повик за помош од Азовстал: „Направете нешто да прекине овој пекол!“

Верешчук истакна дека Украина сака да биде потпишан документ за тоа како точно ќе се одвива евакуацијата од Азовстал и оти се подготвува потпишување. Таа додаде дека, пред сѐ, станува збор за тешко ранетите, а Турција е подготвена да стане посредник во тие преговори.

Според  Верешчук, Украина претходно им дала мандат за посредување во преговорите  на претставниците на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и на ОН. 

Целта, според украинската вицепремиерка е евакуација во неколку фази - прв приоритет е спасувањето на 38 тешко ранети бранители од Азовстал. Ако ова функционира, „тогаш продолжуваме понатаму“, истакна Верешчук, додавајќи дека меѓу другото, Украина е подготвена да размени руски воени заробеници за ранетите украински војници во Азовстал. 

Русија досега одбиваше каква било евакуација и бара капитулација на Украинците вочеличарницата.