1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поставувајте ги непријатните прашања

Гордан Георгиев
12 ноември 2019

Оваа трилатералка за „Мал Шенген“ во која Македонија и по географија и по економија и по политички габарит е најмалиот партнер, сепак не’ става во полоша позиција од претходно. Пишува Гордан Георгиев

https://p.dw.com/p/3StXt
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Кога силно ќе дувне кошава од север, Македонците и Албанците од Северна Македонија ги полазуваат морници. Не треба да ни замерите. Научени сме, изгорени и прегорени, од Слободан Милошевиќ и неговите современи епигони кои толку вешто деновиве ја играат играта на геополитичките мали голчиња. Вучиќ сака да биде новиот Макрон на Балканот, тоа истовремено радува и плаши. Радува бидејќи оваа иницијатива не може да помине без сериозна „контролна безбедносна клаузула“ од страна на поголемите, а плаши бидејќи волкот и крзното се сепак тешко менливи категории. Во дослух и со очигледно претходно дошепнување од страна на вистинскиот Макрон, Србија повторно го игра танцот кој некогаш беше пропратен со војнички барабани, а денес со милозвучни мандолини. Во ситуација кога папагалски повторуваме дека немаме и не сакаме да имаме алтернатива на ЕУ, влегуваме во ризик повторно да ја промашиме темата и да го промашиме ритамот. Овде има некакво недоразбирање помеѓу Пендаровски и Заев, не знам дали е координирано или поаѓа од различните визури на едниот и на другиот, а можеби и од различната политичка функција која ја држат, но сепак... Едно е кога Пендаровски категорично и упорно повторува дека за нас нема никаква алтернатива на ЕУ (притоа имплицитно игнорирајќи ги или негирајќи ги актуелниве регионални иницијативи) а сосема друго е кога Заев наголемо и предизборно се кочопери дека Балканот ќе го направел ЕУ, заедно со Еди и со Александар. Разбираме, на Заев му треба успех и рехабилитација на шокот со датумот, на сите граѓани ни треба успех и некаква компензација за траумите кои ги преживеавме, ама вакво влетување во една игра без граници (и во буквална смисла без граници) може долгорочно да не’ чини. Доколку се појават кредибилни спонзори на играта, можеме да разговараме. Доколку не се појават, ќе мора да ги препрочитаме историските читанки од блиското минато. Во сите тие читанки има една константа: Македонија како монета за поткусурување на големите балкански држави и големите геополитички играчи надвор од Балканот.

Каде сме ние, а каде другите?

Каде сме ние тука, и сега? Третирани како џуниор партнер, ние ја имаме и кармата и истовремено можеби и привилегијата да бираме како ќе се поставиме. Ние не можеме ан блок да ги одбиваме регионалните иницијативи, особено кога зад нив стои меѓународен (иако се’ уште блед) ракопис, но можеме да изразиме суверен скептицизам кон импликациите од таквите иницијативи. И привилегија постојано да ги прашуваме непријатните прашања. Кои се тие прашања на пример? А каде е Косово во целава работа? И зошто Косово засега категорично го одби Рама? А што мисли опозицијата на Еди Рама во Албанија? А со Босна што ќе се случува? Зошто Црна Гора не сака да биде дел од иницијативата? А каде се Германците во приказнава, таа локомотива на Берлинскиот процес и довчерашен генерален спонзор на регионот? Што мисли Бугарија за сето ова? Која ќе биде, ако биде, улогата на Грција, која деновиве гледаме дека интензивно се подготвува за влез во регионот? Најважно од се’, мораме точно да знаеме каде се во оваа приказна Американците и зошто се резервирани? Овие прашања за она што НЕ е на масата, а не за она што е, се поважни и сосема легитимни прашања кои ќе ни помогнат да изградиме став и да ги избегнеме евентуалните непријатности во иднина. 

Претходни колумни на авторот: 

- Дали ВМРО-ДПМНЕ се достојни за власт? 

- Плашете се вмровци, доаѓа Заев

Конечно, мораме да ги прашаме нашите Албанци, и од власта и од опозицијата. А ги праша ли некој до сега? Албанците се необично тивки. Избледнеа сеќавањата кога големиот Еди Рама ги собираше малите Али, Зијадин и Билал во Тирана и им раскажуваше приказни за Тиранската платформа. Сега Еди ќе треба малку повеќе да се потруди да им ја претстави Вучиќевата платформа, а таа има неформален наслов „да Србија буде испред свих у региону“. Харизмата и потенцијалот на Еди се сериозно начнати, неговата моќ на атракција е во залез, и се чини како неволно но сепак свесно да се обидува да го фати последниот воз, за себе.

Сега е потребно филигранско одигрување на чекорите со што Македонија би извлекла максимум за себе. Тука нашите Албанци можат и мораат да помогнат, да одиграат за сите нас. Тие би можеле да бидат потребната кочница или отпусниот вентил во ситуација кога налагаат потребите. Моралната постура на Македонија, која сепак има историски континутитет (оаза на мирот, еквидистанца, мултиетничко општество, отцепување од Југославија без крв, Договорот од Преспа итн.) но и актуелен драјв (неправедно извисени од ЕУ!), мора да биде силен аргумент во нашите раце. За оваа ситуација, но и за следните чекори, Владата треба да биде „штабски“ поставена 24/7. И не, не е доволна Владата и тамошните сепак скромни капацитети. Потребна е строга координација со претседателот Пендаровски (за да нема разногласија и повредени суети) и јас би додал и комуникација со опозицијата (македонската и албанската). Техничката влада, која ќе се бави со избори, би била добар неформален форум за зближување и споделување на ставови помеѓу сите чинители во политиката кај нас. Ако мислат да си вадат очи во предизборието, а да не се осврнат на актуелното поставување на сцената, тогаш тешко нам.

Да нема после зошто!

И да не заборавиме, оваа трилатералка во која Македонија и по географија и по економија и по политички габарит е најмалиот партнер, сепак не’ става во полоша позиција од претходно. Бидејќи Македонија (беш)е поздравена од сите, вклучително и од Франција, за прогресот на реформите (читај: договор од Преспа), општ е впечаток дека државата е неправедно изземена од датум за преговори, и на сето тоа Македонија сега влегува како „малцински“ партнер во оваа регионална иницијатива која ние не ни ја баравме. И тоа со Албанија, која официјално беше и една од пречките за доделување на датум за Македонија, и со Србија, која под раководство на Вучиќ постојано е проблематизирана како држава со демократски дефицит. И тоа е исклучително незгодоно, да не речам неповолно за нас, бидејќи ги упросечува и ги замаглува успесите (и жртвите) шти ги направи државата за тој пуст датум.

Во ред, НАТО е тука, и тоа никако не е за потценување. Но тука е и Евроазиската унија на Вучиќ која очигледно никому не му пречи во оваа констелација. Каква турли тава: две земји членки на НАТО (Албанија и Северна Македонија) во сојуз со држава која никогаш нема да стане членка на НАТО и која е во братска унија со Евроазија. Браво за архитектите на сето ова.

Реков, ние не можеме да одиме против брановите, но можеме да бидеме исклучително претпазливи. И покрај поволностите кои ни се нудат на тацна, јас останувам изразено скептичен кон оваа иницијатива, особено за работите кои можеби ни се нудат под асталот. Зошто? За да нема после зошто!

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема