1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разнишана позицијата на наследничката на Ангела Маркел

Розалија Романиец
22 ноември 2019

По една година на чело на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер се оддалечи од целта- да стане кандидат за канцелар. Популарноста и` опадна. На конгресот на партијата во Лајпциг, кој почнува денеска, мора да биде убедлива.

https://p.dw.com/p/3TWjM
CDU-Bundesparteitag AKK Annegret Kramp-Karrenbauer
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Имаше амбициозен план: да стави крај на партиските превирања околу идниот курс на партијата, да ја возобнови партијата и да си осигура прво место во трката за канцеларското столче. Анегрет Крамп- Каренбауер, позната како АКК, настапи со свој системски пристап. Ги посети локалните партиски ограноци, одеше низ цела земја, се обиде да се одвои од Ангела Меркел со тоа што уште на почетокот не сакаше да биде дел од нејзината влада. Наместо тоа сакаше да го зацврсти својот профил на врвот на ЦДУ.

„Не успеа како лидер на партијата“

Но, набргу стана јасно: планот нема да успее како што е замислен. Како претседател на партијата се наметнува да биде кандидат за канцелар на Унијата, но нејзината популарност во анкетите во меѓувреме е преполовена. Меѓу десетте најважни политичари во земјата во Германија, АКК е на последното место. Сега се јавуваат сомнежи дали таа воопшто е погодна за канцеларската позиција. Крамп-Каренбауер секако има основа за тоа: има владино искуство, без разлика што е во малата покраина Зарланд. Како министерка за внатрешни работи и покраински премиер таа имаше одлични резултати поради што Ангела Меркел ја доведе во главниот град. Но, АКК има уште многу работа за да се докаже и во Берлин. „Таа не успеа како партиски лидер да ги постави јасно работите за да ја стекне целосната поддршка од партијата и да стивнат критиките," вели политикологот од Бон, Франк Декер. „Оној којшто сака да се трка за челната позиција на Унијата, мора да докаже дека и навистина може да им ја донесе канцеларската позиција.“

Лошите бројки не се случајност

Катастрофата не е без основа. Таа стартуваше како фаворит на Ангела Меркел, но за кратко време направи многу грешки. Иако е позната по добрите комуникациски вештини, на чело на партијата понекогаш делуваше несмасно или парализирано. Кога еден Јутјубер во пресрет на европските избори ЦДУ ја оквалификува како неподобна за гласање, партијата набрзина бараше соодветен одговор, но на крајот не го најде. Справувањето со Резо истовремено и наштети и на партијата и на АКК, создавајќи впечаток дека се работи за партија која не е ориентирана кон иднината.

Слично лош оддек во јавноста имаше и нејзиниот предлог за формирање на т.н. безбедносна зона долж сириската граница. Во интервју за Дојче Веле, АКК го промовираше предлогот без претходна консултација со владата. АКК „очигледно не била добро советувана“ и нема вистински луѓе кои би и` дале вистински совети, оценува политикологот Декер. Веројатно затоа неодамна дојде и до кадровски промени во тимот на АКК.

Kanzlerin Merkel und AKK Mimik
Не оди се` според планот: Ангела Меркел и Анегрет Крамп-КаренбауерФотографија: Imago Images/J. Schicke

Изгубен кредибилитет

Но, не е само лошата комуникација сопка за политичарката. И одрекувањето од преземање функција во владата на Меркел се покажа како кратковида одлука. Како лидер на партијата без министерска позиција, Крамп-Каренбауер и на внатрешен и на надворешно-политички план важеше за „лесна категорија”. По половина година токму поради тоа мораше да го коригира ставот. Кога во јули 2019 Урсула фон дер Лајен замина за Брисел, Крамп-Каренбауер го презеде министерството за одбрана. „Тоа беше итна операција во која и` настрада кредибилитетот," вели Декер. Голем проблем е кога ќе дадете ветување кое потоа нема да го исполните. „Јавноста ова повеќе го гледа како знак на слабост“, вели политикологот. Така се створи впечатокот дека АКК како партиски претседател нема да може сама лидерското прашање да го сврти во своја корист.

Отворено прашањето за кандидатура за канцелар

Слабата страна на Крамп-Каренбауер се одразува и на партијата. ЦДУ на покраинските избори во Источна Германија помина лошо, а според анкетите на сојузно ниво актуелно има поддршка од само 26 до 27 проценти. „Не се може против јавното мислење", вели Декер. Ако ЦДУ се задржи на тие бројки, се заканува „востание” во партијата, смета политикологот од Бон. Тоа е уште една причина плус зошто прашањето за кандидатура за канцелар мора да биде решено во следните неколку месеци. Но, тоа нема да се случи на претстојниот партиски конгрес.

Поради континуираната критика, шефицата на ЦДУ неодамна самата ги прозва конкурентите: „Кој сака да го тематизира прашањето за челната позиција ќе има прилика за тоа на конгресот", рече таа. Но, противниците токму во пресрет на конгресот се покажаа солидарни. Фридрих Мерц, кој до неодамна зборуваше за „ужасно лоша работа на владата" и најави тематски говор во Лајпциг, на само неколку дена пред конгресот ретерира. Па така, не може да се смета со револуција на партискиот конгрес. Но, преку содржински прашања Крамп -Каренбауер и тоа како може да се најде нападната. Во Лајпциг ќе се дебатираат повеќе барања кои имаат конфликтен потенцијал, меѓу другото основната пензија, кворумот за жени и можниот ангажман на кинеската компанија Хуавеи во рамки на 5Г мрежата во Германија. Делегатите исто така ќе одлучуваат дали гласање во членството треба да ја донесе одлуката за тоа кој ќе биде кандидат за канцелар.

Повеќе: 

Се заострува борбата за наследник на Ангела Меркел

Тирингија ја затресе владата на Меркел

Мини-Меркел на чело на германската одбрана

Јутјуберот Резо ја бламира партијата на Меркел

Дали ќе дојде до „методата Меркел"?

Крамп-Каренбауер мора да поентира во Лајпциг. Ако успее да постигне подобри резултати на анкетите, би можела следната година да биде назначена за кандидат за канцелар од редовите на Унијата. Инаку, би и` останала само уште една шанса како ЦДУ да преживее како голема народна партија, смета Декер и посочува на „методата Меркел".
Со тоа политикологот алудира на тоа дека Крамп-Краенбауер ќе мора прашањето за кандидатура да го препушти на некој друг. И Ангела Меркел во 2002 се откажа од кандидатурата во прилог на Едмунд Штојбер од ЦСУ. Тоа не и` наштети ни малку. „Најлошото за ЦДУ би била отворена борба за превласт. За да се спречи такво нешто, ќе бидат преземени уште чекори во партијата", вели Декер. Кандидати кои би се радувале да ја преземат задачата, во секој случај не им недостигаат на Демохристијаните.