Руска Дума: Уставните измени во брза постапка
23 јануари 2020Помина само една недела откако рускиот претседател и се обрати на нацијата. Предложи серија уставни измени за кои аналитичарите сметаат дека би можеле да го отворат патот за политичката иднина на самиот Путин бидејќи рускиот лидер не може да служи уште еден, трет последователен мандат како претседател, согласно актуелно важечките прописи.
Уставните измени ги прошируваат ингеренциите на двата дома на Парламентот, а би можеле да ја заслабнат улогата на претседателот. Државниот совет, кој е советодавно тело составено од регионални лидери и гувернери, исто така ќе биде составен дел од Уставот, но не е јасно каква функција ќе добие.
Путин во неговиот говор рече дека треба да има „најширока можна јавна дебата" за предложените измени. Исто така рече дека за нив треба да се гласа.
Повеќе на темата:
-Путин се подготвува да остане на власт и по 2024
-Медведев објави оставка на руската влада
-Путин предлага референдум за уставни измени
Но, откако Путин на 15 јануари ги најави измените, работна група за уставните амандмани веќе ги достави предлозите до претседателот кој веднаш достави предлог закон до руската Дума, Долниот дом на рускиот Парламент. Думата денеска по првотот читање со големо мнозинство гласаше „за“- предлог-законот а се очекува да ги усвои мерките на второто читање на 11 февруари годинава. На денешното гласање позитивно се изјаснија 432 од вкупно 450 пратеници во Думата.
На прашањето за „брзањето” околу уставните измени неделава, портпаролот на Кремљ Димитри Песков изјави дека иницијативите на претседателот секогаш се третираат приоритетно. Иако не можеше да прецизира кога точно ќе поминат сите амандмани, изјави дека „очигледно е оти нема да ги стават на листа на чекање."
Завршена работа?
Со таквата брзина на настаните, излегува дека многу од промените биле подготвени уште пред да ги најави Путин во својот говор.
Од работната група чии препораки влегоа во предлог законот доставен до Парламентот, неделава признаа дека тие само го „полирале речникот” и дека „ги разработиле главните насоки зададени од претседателот."
Независниот политиколог Абас Галјамов за ДВ рече дека „измените ги има подготвено самиот Кремљ и дека нема да дозволи некој да ги промени."
Александер Пожалов, директор за истражувања на рускиот тинк-тенк Институт за социо-економски и политички науки, се согласува со него. Тој истакнува дека Думата ќе може во најдобар случај да направи мали „индивидуални модификации во рамки на предложените измени."
Да одлучи народот?
Според медиумите, Кремљ планира да закаже референдум за уставните измени во април годинава. Но, Абас Галјамов смета дека планираниот референдум е само за алиби и треба на јавноста да и даде чувство дека таа одлучува за брзите промени, без вистински да им остави простор на гласачите за влијание врз политичките процеси. Галјамов вели дека луѓето имаат силна потреба од „учество во процесите на носење политички одлуки. А, Кремљ се обидува да ги задоволи тие барања."
Според анкета на владина истражувачка агенција, кон крајот на минатата година 68 проценти од Русите се изјасниле за промена на Уставот, кој според исказите на многу од испитаниците требало да биде апдејтиран.
Зошто брзање?
Во руските медиуми, актуелните уставни реформи на Путин во повеќе наврати се нарекуваа „брза акција“. Според руските аналитичари, итноста може да биде знак на страв во Кремљ.
Путин можеби повика на широка дискусија за уставните амандмани но неговата администрација „итно“ сака да ги затвори овие разговори, објаснува Галјамов, бидејќи „ентузијастичките предлози“ на луѓето може „да го разурнат цел систем на парчиња." Галјамов вели дека Путин дојде на власт на крајот од 1990те и добро ги памти „грешките на неговите претходници“. Тој го посочи примерот на перестројката – широка програма на политички и економски реформи и либерализација кои беа воведени во 1980те, за која некои тврдат дека доведе до распаѓање на СССР.
Но Кремљ исто така може да делува брзо за да спречи руските владеачки елити да не добијат „интересни“ идеи, смета политичкиот аналитичар Александер Пожалов. Предлогот на Путин неизбежно создаваат пукнатини во системот и различни политички групи може да притискаат за поголема моќ во новиот поредок. „Колку подолго се дебатира околу промените, толку поверојатно е дека ќе се зголеми притисокот врз претседателот или ќе се појават внатрешни конфликти во обидот да се изменат или блокираат," вели тој за ДВ.
Што е со Путин?
Кремљ врши притисок за промена додека се обидува да ја држи ситуацијата под контрола. Според уставот, Путин не може да биде избран за претседател во трет последователен мандат во 2024. Во 2008 тој го заобиколи ова правило со тоа што еден мандат беше премиер и потоа во 2012 година повторно се врати на претседателската функција. Аналитичарите велат дека овојпат тој може да остане на власт како прв човек на Државниот совет. Регионалното советодавно тело сега е вклучено во уставот и неговата улога може да се прошири. Во руските медиуми исто така се води дебата дека Путин може да преземе улога во засилениот парламент или во рускиот Совет за безбедност. Тој исто така може повторно да биде премиер.
Според Пожалов, Путин дефинитивно ќе си го доврши претседателскиот мандат кој ќе му даде време „лично да процени“ каков резултат ќе дадат неговите уставни промени во пракса и доколку е потребно„да ги поправи “. „Брзањето е добро, но нема поента да си го намалите опсегот на опции прерано."