1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Се повеќе млади луѓе ја губат битката со ковид

ДТЗ /ДВ
10 декември 2020

22-годишна трудница од Скопје е последната жртва на опасниот вирус. Вчера во Македонија имаше рекорден број на починати - меѓу нив опаснот вирус му го одземе животот и на 28-годишно момче.

https://p.dw.com/p/3mXzR
Mazedonien Corona-Testzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Бремена девојка од Скопје на возраст од 22 години ја загуби битката со коронавирусот. Таа е една од 28 пациенти заразени со опасниот вирус, коишто не успеаја последново деноноќие да ја совладаат болеста. Досега се регистрирани пет случаи на бремени жени кои починале од коронавирус. 
Вчера во Македонија имаше најголем број на смртни случаи за едно деноноќие од почетокот на пандемијата - 46, а бројот на починати надмина 2.000. Поточно, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 70.883, бројката на оздравени пациенти е 47.364, а на починати - 2051. Активни се 21.468 случаи. Досега се направени вкупно 357.102 тестирања на Ковид-19. Загрижува тоа што меѓу жртвите има се поголем број на млади лица. 

-повеќе на темата: Коронавирус препораки: Како да се заштитите себеси и другите од Ковид-19

Трудницата била на респиратор

22-годишната трудница којашто почина во Скопје, првично била хоспитализирана на Клиниката за гинекологија и акушерство поради компликации во бременоста. На 26 ноември од гинеколошко акушерската клиника била префрлена во ГОБ „8-ми септември” во многу тешка состојба.

Corona in Nord Mazedonien
Загрижува тоа што меѓу жртвите има се поголем број на млади лицаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Таа на клиниката за гинекологија била три дена поради комплицирана бременост. Нејзината здравствена состојба била многу лоша и пациентката за цело време била на респиратор. За време на лекувањето, во двете институции биле преземени сите мерки на интензивно лекување, но за жал, таа и покрај тоа починала на 9 декември.

-повеќе на темата: Вакцина за Ковид-19 пристигнува по Нова Година, кој прв ќе може да се вакцинира?

Истрага за сомнителни случаи

Загрижува тоа што расте бројот на се помлади пациенти кои и подлегнуваат на болеста. Министерството за здравство завчера информираше дека Ковид-19 му го одзеде животот и на 28-годишен скопјанец. По реакциите на семејството, Министерството за здравство побара од Државниот санитарен инспекторат да го испита случајот.

- повеќе на темата: Во клештите на коронавирусот

 
„Утре Државниот санитарен здравствен инспекторат ќе спроведе инспекциски надзор околу околностите за смртта на 28-годишен пациент од Скопје кој почина на 8 декември од Ковид-19. Оваа инспекција ќе го опфати целиот третман на пациентот од матичниот доктор до болничко лекување каде што починал“, информираа надлежните.

Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Инспекторите ќе извршат увид за 25 сомнителни случаиФотографија: Petr Stojanovsk/DW

Инспекторите ќе извршат увид за 25 сомнителни случаи на помлади пациенти без други здравствени проблеми кои починале во инфективните одделенија. Изминатиов период беа спроведени три истраги по барање на членови на семејствата, поради сомнеж дека нивните блиски не добиле соодветен медицински третман во ковид-центрите. 
Според неделниот Извештај на Институтот за јавно здравје, во период од 30 ноември до 6 декември во 25 градови биле регистрирани 184 смртни случаи како последица на Ковид-19. Најголем број заразени се над 60 години, а голем број пациенти се регистрирани и од возрасната група 30-39. 
Според анализата на Институтот за јавно здравје на случаите на корона вирус кои се епидемиолошки истражени пријавени се 328 (0,7%) случаи кај бремени жени, од кои 54 биле хоспитализирани во текот на болеста. Регистрирани се пет смртни случаи на трудници.