1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Србија и Косово - четири сценарија за расплет

13 април 2018

Какви ќе бидат односите на Србија и Косово за 15-тина години? Со прашањето се занимаваа експерти од Србија, Косово и Германија во соработка со фондацијата Фридрих Еберт. Дојче веле ексклузивно ја донесува нивната анализа

https://p.dw.com/p/2vyrI
Kosovo Serbien Grenze Schild
Фотографија: Carsten Koall/Getty Images

На кој начин ќе биде решен косовскиот конфликт? Дваесетина претставници на цивилното општество, дипломати и стручњаци од Србија, Косово и Германија, собрани на иницијатива на Фондацијата Фридрих Еберт, ФЕС, изработија четири можни сценарија за развојот на односите меѓу Србија и Косово до 2035. година. Сценаријата ќе бидат претставени денеска во Белград, а Дојче веле ексклузивно ги донесува клучните тези од анализата.

„Најдобро сценарио би било она кое ќе го реши спорот околу статусот на Косово“, вели Шпетим Гаши од Сојузот за инклузивно управување, еден од авторите на анализата за сценаријата.

Според ова најоптимистичко сценарио со наслов „Зелен бран“, Србија и Косово во 2019. година би постигнале договор за нормализација на односите, Србија во 2025. година би станала членка на ЕУ, а Косово конечно би добило визна либерализација и би станало членка на релевантни меѓународни организации и би имало отворен пат кон ЕУ, со поддршка од Србија.

Од другастрана, косовската влада би создала социјални и економски услови за интеграција на српската заедница во општеството, а косовските Срби би биле вклучени во Бриселскиот дијалог, наместо како досега, да бидат само објект на преговорите.

Нормализацијата на односите би го забрзала процесот на помирување и би придвижила процес на утврдување на судбините на исчезнатите лица, а на обете страни би им донесла и економски напредок. „За да го постигнеме тоа, Белград и Приштина мораат да донесат неколку клучни одлуки: Белград да се откаже од барањата за територијата на Косово, а Косово да воспостави Заедница на општини со мнозинско српско население, која би имала и извршни овластувања. Потребен е и меѓународен пакет финансиски и политички поттици за охрабрување на двете страни“, вели Шпетим Гаши за Дојче веле.

Treffen von Präsident Hashim Thaci Kosovo und Präsident Aleksandar Vučić Serbien in Brüssel
Бриселски дијалог: Хашим Тачи, Федерика Могерини и Александар ВучиќФотографија: European Commission

Популизмот пред помирувањето

„Но, поверојатно е дека ќе се случи некоја комбинација на елементи од второто и третото сценарио“, додава Гаши. Тие две сценарија не се толку оптимистични. Договорот, според нив, би бил потпишан нешто подоцна, но не и применет до крај. Тој подразбира признавање на приштинска управа на територијата на Косово, но не и целосно дипломатско признавање на Косово како независна држава.

Повеќе: 

Размената на територии меѓу Србија и Косово не е решение

Вучиќ и Тачи, другари во пропаганда

Смислена драматургија на Србија и Косово?

За возврат, Косово би формирало Заедница на српски општини со автономија во областа на образованието, културата, јазикот, локалната самоуправа и здравствената заштита. Истовремено, Србија би продолжила да лобира против челнството на Косово во меѓународните организации, наспроти тоа што се обврзала да не го прави тоа.

Причината ова сценарио да го смета за најверојатно, за Гаши е таа што ни власта во Србија, ни онаа во Косово не се спремни за одрекување од популистичката реторика. „Александар Вучиќ и Хашим Тачи се трудеа да се претстават како миротворци, нешто што не се. Речиси нѐ измамија и им поверувавме. Но, тие се производ на судирите и опстануваат на власт поради судирите. Наутро произведуваат конфликти, како што се возот и ѕидот во Митровица или тензии при посетата на Марко Ѓуриѓ, за попладне да имаат што да решаваат“, вели Гаши.

„Потребни се похрабри чекори за окончување на судирот, но ние уште немаме такви лидери. Нашите лидери не се визионери, немаат интегритет и се незаинтересирани за одрекување од наследените односи. Нашите водачи на најдобар начин ја одржуваат сликата на балкански политичари: ситничари, сакаат внимание, ја ставаат лојалноста пред компетенцијата, одлуките ги донесуваат самостојно наместо во институциите, презираат независно мислење и се плашат од политички ривали и правила“, оценува Гаши. 

Со такви лидери, можете со сигурност да се обложите на неуспех, додава тој. Резултат на тој неупех би било натамошно урнисување на економијата на двете земји и продолжен одлив на мозоци. „Конфликтот е главен фактор кој придонесува за економски проблеми, но се плашам дека за Србија и за Ксово е доцна да го свртат тој процес. Косово станува сѐ повеќе потрошувачко општество, увезува 90 проценти од своите стоки, а извезува само 10 проценти, додека пак Србија со помалку од два проценти стопански раст стигна меѓу десетте најбедни светски економии“, објаснува Гаши.

Shpetin Gashi
Фотографија: Privat

Другата крајност е - војна

Кое од сценаријата ќе стане реално, не зависи само од локалните лидери, туку и од бројни надворешни фактори, во кои најзначајни се ситуацијата во ЕУ и интересите на големите сили. Дали Русија и Кина ќе го блокираат членството на Косово во ОН, а Шпанија во ЕУ? Дали другите членки на ЕУ, кои не го признаваат Косово, ќе ја променат својата одлука?

Во сценаријата како еден од ризиците се наведува можноста поради блокирање на членството во ОН и во ЕУ, Косово да се сврти кон обединување со Албанија. Во тој случај северниот дел од Косово би се припоил кон Србија. Таквиот развој на настаните би можел да предизвика верижна реакција и да поттикне барања од Република Српска и од Албанците во Македонија за прекројување на границите. 

„Стабилноста во БиХ и во Македонија во голема мера зависи од тоа дали ќе биде постигнат конечен договор меѓу Косово и Србија. Евентуална поделба или размена на територии би имала последици и по Босна и Македонија, што на крај би довело до нова мапа на Балкан и принудна преселба на населението“, објаснува Гаши.

До неуспех би можело да дојде и доколку ЕУ не се стабилизира по Брегзит. Најлошо сценарио, според оваа анализа, би било ако ЕУ се дегенерира во лабав трговски сојуз и го замрзе процесот на проширување. Со тоа би ги загубила главните лостови во посредувањето меѓу Белград и Приштина - членството во ЕУ е главен морков поради кој двете страни воопшто преговараат.

Во таков случај, економиите на двете земји би продолжиле да пропаѓаат, корупцијата да цвета, а политичката елита би заостанала на позициите од 90-те години и не би се преправала веќе дека е европска. Спротиставувањето на националистичките наративи речиси целосно би стивнало, а инцидентите во северниот дел од Косово или во Прешевската долина би зачестиле. Тогаш „само една искра би нѐ делела од нова војна“, се заклучува на крајот на анализата.