1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Чарлиевите ангели на македонското СЈО

ЕМФ / фац23 мај 2016

Линијата на поделба минува долж партиите и семејствата, а причините за тоа имаат корени далеку во историјата на поделената земја, која некогаш важеше за предводник“, оценува угледниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://p.dw.com/p/1It2e
Фотографија: DW/E. Milosevska

Текстот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) со наслов „Три Чарлиеви ангели“, почнува со оценката дека во „идеален случај“ приказната за Македонија и кризата во земјата би можела „да заврши“ со работата на Специјалното јавно обвинителство. Давајќи приказ на местоположбата на СЈО во Скопје и непосредниот повод за уличните протести во државата, кои почнуваат секогаш пред Обвинителството, весникот потсетува што се случуваше на политички план во државата во изминатата година и половина, почнувајќи од објавувањето на „бомбите“‚ до потпишувањето на Договорот од Пржино.

„Речиси една година потоа, Специјалното обвинителство е речиси сѐ што остана од овој Договор. Резултатите од истрагите кои тоа ги објавува од почетокот на годинава пружаат материјални докази за заклучокот, кој во еден ЕУ-извештај минатото лето сѐ уште беше формулиран како претпоставка: 'Како што се чини има директна вклученост на високи владини претставници во илегални активности'.“

Наведувајќи дека на протестите во Македонија луѓето носат маички со трите букви СЈО и силуети на „Трите Чарлиеви ангели“, ФАЦ пишува:

„Тие се отелотворение на надежта (на оние што протестираат, н.з.) дека нивната земја ќе се ослободи од стегот на една политичка елита која својата благосостојба се чини ја има ставено над законот. Претседателот Ѓорге Иванов, на прашањето дали повторно би донесол одлука за помилувања како на 12 април, одговара уште пред да го завршите прашањето: 'Да!' Притоа, се случи токму спротивното од она што тој тогаш го рече во својот телевизиски говор: 'Неопоходно ни е национално помирување'... Иванов не е надвор од реалноста, тој само делува во една поинаква стварност. Разговорот со него води кон длабоката поделба на македонското општество, која се протега долж семејствата, пријателите и соседите и во историјата на која печат ѝ даваат насилството и теориите на заговор, историја на Македонците чиј идентитет постојано се става под знак прашалник од соседите на север, југ и исток. 'Оваа атмосфера на конфликт е дело на Специјалното обвинителство', вели Претседателот. 'Тоа (СЈО, н.з.) истражува селективно само против владејачката партија.'... Затоа што опозицијата не успевала да победи на избори, сега се обидувала да дојде на власт на поинаков начин, смета Претседателот... Иванов вели дека сегашната криза не е ништо друго освен ново поглавје во приказната која трае повеќе од сто години... И, онака како што фракционерските борби во ВМРО некогаш биле разгорувани од страна на соседите, според Иванов, така и денес македонско-македонскиот конфликт е дело на надворешни сили... Поради спорот со името, Грција спречува прием на Македонија во НАТО и почеток на преговори за приклучување во ЕУ, иако Европската комисија веќе седум години препорачува почеток на преговори. 'Тоа е вистинската причина за фрустрацијата на младата генерација', вели Иванов. Македонија некогаш важеше за предводник на реформите на Балканот. И, ако му се верува на Никола Груевски, таа е тоа и денес... Груевски не е веќе премиер, затоа што согласно Договорот од минатото лето, мораше да се повлече на почетокот на годинава. Но, никој во земјата, ниту пријател ниту непријател, не се сомнева ни малку во тоа дека тој сѐ уште е вистинскиот владетел... Кога Груевски дојде на власт, имаше имиџ на прагматичен, либерален технократ... Многумина во Македонија сметаат дека клучен за промената на Груевски е самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година... Дури и Зоран Заев, лидерот на опозицијата, има исто мислење: 'Оваа влада имаше добар старт, работеа напорно и беа поатрактивни од нас. Разочарувањето од 2008 година ги промени.“ И тука и завршуваат помирливите изјави на Заев: тој се прикажува како бескомпромисен, смета дека е во војна со диктатура која е во развој. Знае дека за повеќето свои барања ја има ЕУ на своја страна, како што е на пример укинувањето на амнестијата што ја објави Претседателот. 'Сите 56-мина погодени мора да да бидат изведени пред суд, исто и јас', вели Заев. 'Каква порака испраќаме ако политчарите бидат заштитувани?'...

Mazedonien Präsident Ivanov
Ѓорге Иванов вели дека повторно би донесол иста одлукаФотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

На крајот на текстот, Франкфуртер алгемајне цајтунг се враќа на секојдневните протести на улиците:

Mazedonien Proteste in Skopje
Фотографија: DW/E. Milosevska

„Социјалдемократите се дел од протестите, 'но тоа е заедница од интерес на определено време, не знам дали имаме исти цели', вели познатата активистка Елена Ставревска... Активистката вели дека ја плаши колку непомирливо на демонстрациите се зборува за оние Македонци кои сѐ уште се држат до ВМРО, дали поради тоа што благодарение на партијата се на позиција, или пак затоа што сметаат дека таа е помало зло од социјалдемократите на Заев, или пак затоа што искрено ѝ веруваат на партијата. 'Живееме во паралелни светови', вели таа, 'пукнатината се чувствува насекаде. Веќе немаме општество, туку општества кои ќе мора повторно да го најдат патот едно кон друго.' 'Кризата ќе се засили со личната омраза на Заев и Груевски', изјави еднаш претседателот Иванов. 'Ние сме заробеници на менталитетот на нашите политичари, време е за нови лица.' Слично би можела да се изрази и Елена Ставревска, која може само иронично да се смее на вербата на Иванов дека тој може да ги помири Македонците меѓу себе и може и натаму да протестира против него. На прашањето за можен излез од кризата, насекаде се добиваат два можни одговора. Во подобар случај тоа е незнаењето како до излез. Како решение се гледа само поразот на другата страна“, се оценува во текстот на Франклфуртер алгемајне цајтунг.