Штајнмајер: Да бидеме храбри
12 февруари 2017Поранешниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер ќе биде 12-от Сојузен претседател на Германија.Сојузното собрание го избра 61-годишниот социјалдемократ во првиот круг гласање со 931 гласови од вкупно 1260 избирачи. Тој имаше уште четворица противкандидати. Неговиот избор практично беше сигурен, со оглед на тоа што ја имаше поддршката не само на својата СПД, туку и на партиите на Унијата - ЦДУ и ЦСУ.
Во кусиот говор по изборот Штајнмајер, обраќајќи им се на оние кои не гласале за него, рече дека сака да се бори за да ја добие нивната доверба. Во бурни времиња, во кои се чини како светот да е разнишан, од големо значење е „лепакот“, она што општеството го држи заедно, рече Штајнмајер.
Тој не ја спомна директно бегалската криза, но потенцираше дека е прекрасно што „оваа земја за многумина во светот стана сидро на надеж“. Германија на другите им дава надеж не затоа што во земјата е се’ добро, туку „затоа што покажавме дека може да биде подобро“. „Мора да си поставиме за задача да ги разликуваме фактите од лагите“, рече тој. Реалноста не смее да се негира, но важно е да постои желба за нејзино менување.
Според Штајнмајер, слободата и демократијата во една обединета Европа се важен фундамент. Тие не се неранливи, но „цврсто сум убеден дека се силни“, потенцираше новоизбраниот претседател. „Не, не живееме на остров на блажени. Дел сме од светот со неговите ризици. Ризици има и кај нас, Но, ретко каде на друго место во светот има повеќе шанси отколку кај нас. И кој друг, ако не ние, може да има храброст? Затоа, драги сонародници, да бидеме храбри. Тогаш нема да се грижам за иднината.“
Штајнмајер стапува на функцијата на средината од март. Во истражувањето на Емнид, објавено денеска во весникот „Билд ам Зонтаг“, 59% од Германците изјавиле дека очекуваат тој да биде добар претседател, додека 19% сметаат дека нема да биде така.