1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штерјев: Ова е најцрн ден за Обвинителството 

21 август 2019

Недозволиво е тој што има надлежност да гони криминал, да се впушта во криминал. Дали е така, ќе оставиме да се докаже во судска постапка, вели претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев

https://p.dw.com/p/3OHlW
Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Откако паметам досега, ова е најцрн ден за Обвинителството во Македонија, изјави за Дојче веле претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев, по веста за приведувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, осомничена во „Рекет“.
„Кога велам најцрн ден, тоа не е заради апсењето на Јанева, туку заради тоа што се случувало во СЈО, ако се случувало. Недозволиво е тој што има надлежност да гони криминал, да се впушта во криминал. Но дали е така, ќе оставиме да се докаже во судска постапка“, вели Штерјев.  
Правни празнини
За апсењето слушнал од медиумите, и смета дека Советот на јавни обвинители за ова треба да биде и официјално известен. Особено по одговорот на републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, дека сега Советот на јавни обвинители треба  да избере вршител на должност шеф на СЈО од редот на помониците обвинители, 
Но, Штерјев укажува дека во оваа ситуација постојат правни празнини. Тој потсетува на членот 18 став 4 од Законот за јавно обвинителство кој предвидува: „Ако на јавниот обвинител на РМ му престане функцијата или е разрешен од функција, Советот на јавни обвинители од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на РМ определува обвинител што ќе ја врши функцијата до изборот на нов јавен обвинител“. 
Штерјев не знае дали Јовески мислел на таа одредба, ставена во корелација со член 1 став 2 од Законот за СЈО, каде се вели дека „за се што не уредено со овој закон ќе се применува Законот за јавно обвинителство и останатите позитивни законски прописи“. 
Долга постапка за разрешување
Но, проблем е што во моментов Јанева ниту е разрешена, ниту и е престанат мандатот, за да може да се избере в.д. шеф на СЈО. 
Во членот 18 став 1, од законот за СЈО е уредена процедурата за разрешување: „Јавниот обвинител се разрешува од функција пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Доколку Советот на јавни обвинители започне постапка за разрешување на јавниот обвинител, Советот на јавните обвинители во разумен рок ќе достави извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување до Собранието на Република Македонија“. 
Потоа, (чл. 18, ст. 2) врз основа на доставен извештај од страна на Советот на јавни обвинители, на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието, по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници, Советот по предлог на Собранието го разрешува јавниот обвинител. Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство, и ќе го поднесе до Советот.
А ваквата обемна постапка за разрешување сигурно не би завршила за два дена. 
„Откако ќе бидеме официјално известени, јас ќе ја поставам темата пред Советот на јавни обвинители. Правните празнини ќе ни ја отежнат работата, но ние мора да бидеме законити и консеквентни и да донесеме соодветна законска одлука“, вели Штерјев. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема