1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ќе стигне ли вакцината против коронавирусот навреме?

Фабијан Шмит
5 март 2020

Работата на откривање вакцина против коронавирусот е во полн ек. Па сепак, додека вакцината да се пушти во продажба, може да помине уште една година. Дали вирусот ќе се шири дотогаш, никој не знае.

https://p.dw.com/p/3YuAk
Symbolbild Impfung gegen Masern
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

Пред околу еден месец кинеските експерти ја открија ДНК на коронавирусот и своето откритие го ставија на располагање на целата меѓународна заедница. Фармацевтската индустрија и бројни медицински и научно-истражувачки институти се фрлија на работа.

Покрај најголемиот кинески институт за сузбивање на вирусно-епидемиолошки болести, потрага по вакцина забрзано се врши во Хонгконг, САД, Германија, Франција, Австрија, Канада и Израел. Еден дел од проектите финансира ЦЕПИ, Меѓународна партнерска организација за сузбивање епидемии, која располага со пари од приватни донации или државна финансиска помош.

ЦЕПИ моментно ги помага фирмите КуреВак (Германија), Иновио (САД) и Модерна (САД). Тука е и проектот на Универзитетот Квинсленд од Австралија, чии соработници кон крајот на февруари почнаа да тестираат вакцина на животни. ЦЕПИ поддржува и две американски фирми кои произведуваат супстанции кои овозможуваат мала количина антитела од вакцина да предизвика имунолошка реакција.

Вирусите може да се победат

Покрај проектите на ЦЕПИ, на пронаоѓање вакцина се оддадени и американските компании Џонсон и Џонсон и Новавакс, француската Санофи и канадската ВИДО-ИнтерВак, но и неколку универзитети:  Марбург од Германија, Хонгконг, Саскачеван од Канада, Кембриџ од Велика Британија и институти во Израел.

Брзо до вакцина или не?

Постојат најави според кои вакцината би можела да биде готова за неколку седмици. Германски експерти на тоа гледаат критички. Епидемиологот д-р Александер Кекуле кој го води Институтот за микробиологија на Универзитетскиот клинички центар Хале, поаѓа од претпоставката дека тестирана и дозволена вакцина ќе стигне на пазарот дури во следната 2021 година. „До есента 2020 година нема да може да биде ни откриена“, прогнозираше овој професор по медицина во текот на еден телевизиски настап. Кекуле објасни дека проблемот на пронаоѓање вакцина против коронавирус лежи во способноста за генетска метаморфоза на вирусот.

Тоа го поткрепува и студија на кинески научници, кои откриле дека постојат два вида коронавирус, а тоа се САРС-КоВ-2 и И-КоВ, првиот се појавува почесто, а вториот е поопасен.

Брзата генетска промена на коронавирусот е една од причините што не постои најефикасна вакцина против обичниот сезонски вирус на настинка. И тука во голем дел се исто така во прашање коронавируси, иако се многу побезопасни отколку САРС-КоВ-1, САРС-КоВ-2 и МЕРС.

Сигурна, а не брза вакцина

За разлика од вирусот на ебола, кај кој спроведувањето на фазите 2 и 3 на воведување на вакцина течеше паралелно, забрзан процес кај вирусот САРС-КоВ-2 не е предвиден просто затоа што тој вирус не е толку опасен како вирусот на ебола.

Работата на пронаоѓање вакцина подразбира дека таа ќе им се вбризгува на здрави луѓе. И тука одмерувањето на ризиците има поголемо значење отколку забрзано пуштање на вакцината на пазарот. Подобро е да се исклучат можните негативни последици на вакцинацијата, отколку избрзано да се вакцинираат здрави луѓе, кај кои можноста за смртен и комплицирачки исход на инфекција со коронавирусот е исклучително мала.

Покрај тоа, веќе сега постојат медикаменти кои се даваат во случај на компликуван тек на болеста. Тоа е на пример  RNA-Polymerase-Hemmer Remdesivir. Овој лек првично е откриен против еболата и се наоѓа во продажба.

Како дејствуваат вакцините?

Речиси сите вакцини на кои моментно се работи, се базираат на претходно откриени супстанции кои дејствуваат во сузбивање на вируси. Некои од нив се користат во ветеринарството, како вакцината против врирусот МЕРС, со која се вакцинираат камили. Арапските земји, кои се богати со нафта, вложија огромни средства за развој на оваа вакцина, зашто камилите за нив имаат големо значење. Некои од вакцините се тестирани на животни и им претстојат натамошни тестирања за да добијат дозвола за продажба.

Повеќе: 

Коронавирусот „се крие“ и во тоалети и спални соби

Коронавирусот се шири низ Германија

Коронавирус: Кога епидемијата станува пандемија?

Како да се заштитите: Митови и факти за коронавирусот

Многу фармацевтски компании се надеваат дека ќе пронајдат вакцина, чиј наследен материјал (РНК и ДНК) во телото предизвикува создавање безопасни вирусни протеини, кои би требало да иницираат реакција на имунолошкиот систем. Тој создава антигени, кои дејствуваат против опасните врсти на коронавирус. Такви вакцини би можеле да се произведуваат брзо и во големи количини.

Други производители на вакцини се потпираат на традиционалните методи на директно вбризгување на протеини на вирусот кај пациентите и може да потрае доста време додека вакцината да биде спремна да се испорачува во поголеми количини.

Општо земено, сосема е можно вакцината да биде пуштена на пазарот дури по стивнувањето на пандемија на коронавирусот. Можно е и други видови на Ковид-19 да тргнат на пат низ планетата Земја. Зашто, кога на северната хемисфера почнува лето и вирусите исчезнуваат, на јужната хемисфера почнува зима и вирусите тргнуваат во својот поход. Во доцната есен вирусот повторно би можел да тргне во експанзија на северната земјина полутопка.