1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој го прати Рашковски во Ниш?

14 јули 2022

Случајот „Рашковски во Ниш“ е само потсетник за метастазата на сомнителни ликови низ нашиот систем. И потврда дека навистина, рибата секогаш смрди од главата. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/4E626
Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Доколку сакате да ги видите и разберете вистинските димензии на партиските, медиумските и општествените тензии или кавги на нашата политичка сцена, обидете се да паралелно ги следите караниците и премолчувањата, подеднакво. Токму како што деновиве се случува со сеопштата разграканост околу Договорот со Бугарија и колективниот молк околу фрапантните информации од соседството. Зборот ми е за објавата на Белградското издание на БИРН за пар екселанс скандалозната средба на Драги Рашковски, поранешниот генерален секретар на Владата на Зоран Заев, со осомничениот српски одгледувач на марихуана Предраг Колувија и шефот на военото разузнавање на Република Србија Зоран Стојковиќ во Ниш во летните месеци на 2019 година. 

Три дена по објавувањето на скандалот, општеството сеуште нема можност да добие поподробни информации, оценки или мислења за оваа информaција. Зошто? Бидејќи политичарите не сакаат или не смеат да се искажат по ова прашање, а од нив контролираната „јавност” сеуште чека на команда, инструкција или внимателно подготвен а сепак провиден спин. Таквиот однос на државната, политичката, медиумската сцена кон овој скандал дава за право да се каже дека тежината, длабочината и широчината на средбата во Ниш е со далеку подраматични тектонски потреси дури и во споредба со тековните Скопско-Софиски кавги

Што бара Ген-Сек, задолжен за претежно технички прашања во Владата, да се среќава со чвек како Колувија осомничен за плантажата Јованица во Србија? И воедно сопственик на службена полициска карта и беџ потпишана од тогашниот прв полицаец на Србија Ивица Дачиќ, за која неговиот адвокат тврди дека не е фалсификат. И уште побитно, што бара на таа средба да се среќава со шеф на воено разузнавање на соседна земја во критичен однос кон Алијансата на која и припаѓаме? Дали неговото учество е по приватна линија или со знаење и поддршка на неговиот претпоставен, Премиерот Зоран Заев? Кој бил капиталниот повод за средбата: нарко-криминалот или шпиунажата? Дали за таа средба биле навремено координирани или пост-фестум информирани нашите служби, посебно таа под капата на шефот на државата? Дали Министерството за одбрана, тогаш во надлежност на Радмила Шеќеринска, било информирано за средба која е сепак во нејзин домен според офицерот од Србија? Дали за средбата биле информирани нашите сојузници или пак се чувала во тајновитост од нив?  

Драги Рашковски
Драги РашковскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Многу неодговорени прашања 

Домашните прашања се тешки, но оние пред меѓународната заедница се двојно потешки. Прво, локацијата на средбата „кафеаната Мрак на периферија на Ниш” е не толку далеку од базата на тнр. Руски хуманитарен центар кое се смета за центар на руското разузнавање во регионот. Второ, тајмингот на средбата е уште позагрижувачки. Средбата имено се одржува во најкритичните моменти на нашиот процес на зачленување во НАТО, непосредно по претседателските избори кај нас, именувањето на Еролд Муслиу на чело на Агенцијата за разузнавање и Виктор Димоски на АНБ,  одржувањето на најголемите воени маневри „Решителен удар” на Криволак и скандалот со СЈО. Од друга, српска страна, средбата се случила непосредно по посетата на Зоран Стојковиќ (во придружба на Александар Вулин, министер за одбрана на Србија) на Москва и средбата со рускиот генерал Валери Семериков, Секретар на ЦСТО (Организација на договорот за колективна безбедност) одржана на 25 април 2019г. 

Овие, како и многу други прашања можеби ќе бидат одговорени, можеби не. Независно од тоа, несомнено е дека во било кој случај скандалот оди на конто на Зоран Заев како тогашен премиер на Владата на РСМ и интимен конфидант на Драги Рашковски. Теоретски е сосема можно дека Заев ќе негира било каква поврзаност со настанот, но реал-политички е наивно да му се поверува без да претходно даде цврсто, јасно, јавно, неоспорно образложение за било каков резон во кој неговиот ген-сек се среќава (во исто време!) со осомничен нарко-дилер и со воен разузнавач. Однапред треба да се укаже дека секој обид спасот да се побара во фамозниот изговор на балканските политичари дека „така им било кажано од странците” ќе дојде во судир со базичната логика: тогаш зошто информацијата би била пренесена јавно од медиум близок и финансиран од западни фондации?  

Повеќе од авторот: Косово и Босна, а не Македонија и Албанија се вистинскиот срам на ЕУ и на САД

Информацијата за средбата во Ниш е делче од мозаикот кој недостасуваше, пламенче кое фрла сосема поинакво светло врз редица сомнителни настани или процеси кои се одвиваа(т) кај нас од самото доаѓање на Зоран Заев на чело на државата. Па дури и пред тоа. Оваа наша жална презрена „јавност” можеби беше добро платена за да ги прифати циничните аргументи на Заев, но не и општеството кое остана без одговори на прашањето како можеше човек со докажани, јавно искажани неверојатно тврди анти-НАТО, анти-САД и про-Милошевиќ ставови да биде именуван на функција со апсолутно непречен пристап до сите деликатности на една земја и тоа на праг на членството во НАТО? Прашање кое сега може да биде само вовед во редица други именувања кои немаа никаква логична поврзаност со декларираната парола „општество за сите”. 

Изнудена нужност  

Имено, зошто среде сите политички и општествени фигури со далеку поголем морален и политички кредибилитет, Заев се реши да се определи за најблиски соработници како Рашковки, како премиерот на поделбата на земјата Љубчо Георгиевски, како превртливиот Стојанче Ангелов близок до проруската Левица, за Мухамед Зеќири и неговите илиберални ставови кои не им пречеа на либералните светци и светици околу Заев, како Максим Димитриевски? Кој точно има инсистирано и препорачувано на носењето од Амстердам и засадувањето во МНР на Никола Димитров? На реактивирањето на Зоран Верушевски и неговото почесно носење по самити на НАТО? И на крај, дали аферата Рашковски задира и во прашањето на именувањето и кредибилитетот на вториот по блискост конфидант и човек од доберба на Заев, сегашниот амбасадор на Македонија при НАТО?

Nordmazedoniens Ministerpräsident Zoran Zaev kündigt Rücktritt an
Зоран ЗаевФотографија: Metodi Popow/imago images

Повеќе од авторот: Коалицијата СДСМ-ДУИ може да биде сѐ, но никогаш меѓуетничка

Треба ли да потсетуваме дека непосредно по оваа средба следеше и цунамито на одбивање на безбедносни сертификати од страна на НАТО. Или пак чудната средба на амбасадорката Брнз со Шеќеринска и Димитров по парламентарните избори 2020 и „спокојното идење и панично враќање” на Заев од одмор. Чудната, лесно видлива, но колективно одмолчана долготрајна состојба на неканење на нашиот државен врв на билатерални посети надвор и ретки посети кај нас. И на крај, дали се уште можеме да веруваме во приказната дека причината за оставката на Заев и демисиите на неговиот кабинет (Филипче, Димитров, Шеќеринска, Царовска) било само поради разочараноста од „поразот на Шилегов” или пак има и елементи на, така да кажеме,  изнудена нужност? 

Отсекогаш постоеше нешто длабоко сомнително, неприродно, труло, скарадно и дури вознемирувачко во начинот на кој се одвиваше тивката елиминација на првоборците на Шарената револуција, проследено со тивко импонирање, натурање, буткање на компромитирани, сомнителни, оптоварени ликови во процесот на берење на плодовите на Шарената револуција низ именување на функции. За домашниот удел во фаворизирање на „наши деца” не треба да трошиме премногу време во повторување. Верувам дека и нечесната улога на американско-европската дипломатија во преферирање на контролабилни и предвидливи „храни куче” ликови е доволно јасно елаборирана во претходните написи. А сепак, иако редовна тема на дискусија низ кулоарите, досега никој не сака да се отвори дебата кој, на кој начин и зошто фаворизираше ликови (посебно од скопската западна дипломатија) познати по внатрешно разорни и лажни прозападни политики? И таа состојба трае до ден денешен. 

Три дена по објавувањето на скандалот, инаку лајавите СДСМ, ВМРО, ДУИ, АА, Левица, Алтернатива, Беса здружено сомнително молчат и не сакаат да кажат збор - камоли став - за средбата во Ниш. Слично на претходниот скандал со Давитковиќ Дака. Молк кој значи само едно: дека сите имаат по грам повеќе-помалку путер врз главата по прашањето на пробивот на руските служби во нашиот систем, администрација, општество. Да, често со помош на западно-дипломатските мрзливци кои со децении чекаат проруските играчи во земјата да им ги препорачаат домашните прозападни партнери од доверба и ги спасат од „неконтролабилно непредвидливите”. Случајот ‘Рашковски во Ниш е само потсетник за метастазата на сомнителни ликови низ нашиот систем. И потврда дека навистина, рибата секогаш смрди од главата. Рашковски тоа сигурно не е. Прашање е: кој е главата? 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач