1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин на пат кон дигитална диктатура

Инго Мантојфел
5 декември 2019

Новиот перфиден закон за медиуми дополнително ја ограничува слободата на печатот во Русија. Сега, во климата на страв и автоцензура, треба да бидат задушени последните критички гласови, смета Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/3UIQq
Russland l Demonstration für freies Internet in Russland
Фотографија: Yulia Vishnevetskaya

Според новиот закон за медиуми на претседателот Владимир Путин, руското Министерство за правда може да гони одредени бпогери и новинари, но и секој корисник на социјалните мрежи како „странски агент“. Доволно е новинар да добие хонорар или друг вид поддршка од странство, или корисниците да ги споделуваат содржините произведени во странство. Така произведените или споделени содржини мора да се етикетираат како „странски агенти“.
Кон тоа треба да се додадат и низа други административни прописи и малтретирања. Во случај на прекршување на правилата, се закануваат високи казни. Критичкото новинарство и неговото ширење треба да бидат отежнати и дискредитирани. А пред со растегливиот член за „странските агенти“ треба да биде создавана клима на страв и автоцензура.

Единствениот одговор на Кремљ е репресија

Новиот закон само ја продолжува долгата листа на репресивни заострувања на одредбите за дигиталниот информативен простор. Неодамна донесениот закон за рускиот интернет овозможува руската мрежа да се одвои од глобалниот интернет и тој да се филтрира. Целта очигледно е да се создаде изолиран дигитален простор- слично како во Кина и Иран.
Бидејќи за тоа е потребно многу време и уште повеќе пари, Кремљ се концентрираше врз најслабите карики во ланецот на информирање- на поединецот кој во рускиот правен систем нема шанси на фер постапка. Апсурдните и страшни „Московски процеси“ против уапсените на летните демонстрации многу говорат за ужасите на рускиот систем.

Mannteufel Ingo Kommentarbild App
Инго Мантојфел

Руските новинари на мета

Многу одлични руски новинари поради репресивната состојба во редакциите кои ги контролира Кремљ сега преминаа во руски медиуми во егзил или во големите западни медиуми на руски јазик како Дојче веле, Гласот на Америка, Слободна Европа или ББС. Само во тие медиуми, руското слободно, критично и повеќеслојно новинарство може да продолжи да живее.
За да им го отежни животот на таквите медиуми, рускиот парламент уште во 2017 година донесе закон со кој беа проширени одредбите за „странски агенти“ и на оние кои нудат информации, а немаат седиште во Русија. Поради тоа етикетирање, таквите организации мораат редовно да поднесуваат извештаи за своето финансирање, цели, трошоци и персонал.
Етикетата „агенти“ тогаш ја добија само девет медиуми кои се финансираат од САД. На другите медиуми, како што е Дојче веле, им се закануваше да добијат таква етикетита, но тоа досега не се случи.
Но сега, со новиот закон за медиуми, целта се руските новинари кои работат за странските куќи, како и корисниците на социјалните мрежи.
Новиот закон за медиумите е јасен напад врз слободата на информирање која им е гарантирана со Устав на сите граѓани на Русија. Но, на елитата околу Путин одамна не и важен Уставот, кога треба да се зачува власта.
А незадоволството на народот и се поголемата популарност на лидерот на руската опозицијата Алексеј Навални го вознемирија руското раководство. Со оглед дека парламентарните избори се очекуваат во 2021 и дека е големо прашање дали Путин и по 2024 година ќе може да се одржи на власт, последните простори за критичко новинарство на руски јазик треба правовремено да бидат затворени.