Тиранијата на малцинството во мнозинскиот модел
21 декември 2019Без никакво сомневање, оваа пренагласена расправа околу воведувањето на една изборна единица и пропорционален систем е осудена на пропаст. Не затоа што идејата не е добра или затоа што не претставува добра основа за претставување во Собранието на различните политички интереси во државава, туку едноставно затоа што не е убаво подготвена. Во основа, сите имаат право во оваа дебата која ќе продуцира неуспех. СДСМ се надоврзува на своите изборни ветувања, помалите партии имаат оправдување за да добијат свое место под изборното сонце, ВМРО-ДПМНЕ затоа што со години се залага за воведување на мнозинскиот модел, ДУИ затоа што стравува оти нејзините гласови ќе се раздробат во националните бројки. Методот за блокирање на иницијативата со илјадниците амандмани е во рамките на политичкото право и тоа е легитимно (иако изгледа претерано). Никој не може да биде обвинет дека посегнува кон предизборна алатка пред 12 април (а што би правеле партиите – па тие не се изолирани филозофски друштва кои расправаат за некакви кантовски или хегеловски идеи). Партиите се формираат со една цел – нивната програма да добие поддршка од граѓаните и тие да владеат со државата. Сите други објаснувања се лажни, дури и лицемерни. Во тој контекст и расправата за изборниот модел е дел од главната водилка – како да се дојде или да се остане на власт.
За да можеше да добие поголема пропулзивност идејата за една изборна единица на неколку месеци пред гласањето таа требаше да биде добро разработена, да се понудат две или три варијанти, во тој проект да биде точно објаснето што ќе значи тоа за политичката сцена, но пред се’ за различните интереси и преференции во општеството. Вака, се’ се сведе на симплифицирани објаснувања на еден поголем блок кој е „за“ и иден помал кој е „против“. ВМРО-ДПМНЕ има цело право да го брани својот концепт за мнозински модел. Едноставно, затоа што мисли оти со него партијата може да извлече најголема корист. А општеството? Таа приказна може да биде сосема спротивна. Да го земеме најсвежиот пример – драматичните избори во Велика Британија на кои, всушност, се одлучуваше за заминување или останување на кралството во Европската унија. ВМРО-ДПМНЕ преку неговите претставници постојано повторува една флоскула – дека мнозинскиот систем ќе и’ донесе политичка стабилност на Македонија преку доминацијата на две (или три) партии и со тоа што ќе бидат збришани останатите политички интереси ќе сме се ослободеле од големите коалиции во обата блока. Секако, тоа е пролиферација само на нивниот партиски интерес и ништо повеќе од тоа. Затоа што, ако не дозволиш да виреат дваесетина или триесетени други различни цветови, тоа доведува до зголемување на поларизацијата во општеството.
Апсурден резултат
Востановувањето на една изборна единица со или без изборен праг, сосем обратно од тврдењата на сегашната опозиција, всушност, ќе ја расчисти политичката сцена. Оние кои нема да успеат на таквите избори (оние што ќе бидат жестоко поразени и сведени на маргинална група, дури и секта) или ќе се откажат понатаму од политичкиот натпревар или ќе им треба долго време и ресурси да ги залечат раните. Сегашниов изборен систем им погодува на малите партии кои како имели се прикачуваат на двата големи столба обидувајќи се живеат од нивната моќ. И никако не е јасно колкава е, всушност, нивната политичка вредност.
Мнозинскиот систем кој го заговара ВМРО-ДПМНЕ (иако не е јасно дали тоа е нивен вистински концепт или само платформа да се биде против измените) денес се применува во три англосаксонски земји – Велика Британија,САД и Канада. Во целата Европска Унија (од која Британија ќе излезе на 31 јануари) изборите се спроведуваат според пропорционален систем (некаде со комбинација со мнозински). И изборите за Европскиот парламент во сите земји се спроведуваат според пропорционалниот модел со изборен праг (вклучително и Британија).
Мнозинскиот модел во Британија на изборите од 12 декември донесе апсурден резултат, затоа што мнозинството британски гласачи се изјасни за останување во Европската Унија. Но, поради изборниот систем, конзервативците на Борис Џонсон добија огромно мнозинство од 365 места (во 650-члениот парламент). „Брегзит“ не беше единствена тема на изборите, но беше клучна. Единаесет партии добија најмалку 0,4 отсто од гласовите. Осум од нив – Лабуристичката партија, Либералните демократи, Шкотската национална партија, Социјалдемократска и Лабуристичка партија, Шин Фејн, Зелената партија, Плаид Камри и Алијансата – водеа кампања за останување во ЕУ или за одржување втор референдум. Само три беа за излегување од ЕУ – Конзевративната партија, Демократската унионистичка партија и Брегзит партијата. Оние што беа за останување во ЕУ добија 52,2 отсто од гласовите, а оние што беа за „Брегзит“ – 46,4 отсто. Па, сепак партиите што беа за излегување од ЕУ освоија 373 места, а оние што беа за останување само 277.
Други колумни од авторот:
Има ли крај на паролите околу корупцијата?
Македонизмот како „хајнекен ефект“
Главната причина е во изборниот модел во кој изборниот натпревар се води во 650 конституенци каде оној што освоил најмногу гласови го добива местото, а гласовите на другите одат во ветер. Како да непостоеле. Еден од проблемите во британскиот изборен систем е што има голема нерамномерност на изборните конституенци – некои од нив имаат и по 100 илјади гласачи, а некои само 20 илјади. Вториот главен проблем е што тој систем целосно ги фаворизира двете најголеми партии, конзервативците и лабуристите, поради нивните силни регионални организации. Едно истражување непосредно пред изборите покажа дека расположението на јавноста беше поинакво – 53 отсто беа за останување во ЕУ, а 47 отсто за излегување. Доколку беше применет пропорционалниот систем, тоа ќе значеше дека сосем веројатно ќе имаше втор референдум за ЕУ. Вака, малцинството на гласачите ја спроведува својата волја врз мнозинството. Тоа е најважниот рецепт за зголемување на длабоката поделба во општеството, а не за негово стабилизирање, со инсталирање моќна влада преку неправедна презентација на различните политички интереси.
Доминацијата на двете најголеми партии ги збриша другите политички претставници. Либералните демократи се најголеми жртви во овој систем. На изборите во 2017 година тие освоија 7,4 отсто од гласовите и имаа 12 пратенички места. На гласањето на 12 декември за нив гласаа четири проценти повеќе граѓани, 11,4 отсто, па сепак сега добија едно место помалку – 11. Можеби уште подраматичен случај е на про-„Брегзит“ партијата УКИП, која на изборите во 2017 доби дури 12,6 отсто од гласовите, но поради нивната распрсканост не освои ниту едно место во парламентот. Конзервативците на овие избори имаа само 1,3 отсто гласови повеќе од 2017 година (43,6 отсто) но освоија дури 47 места повеќе. Шкотската национална партија исто профитираше од ваквиот систем затоа што се натпреваруваше само во Шкотска. Во 2017 година со три отсто од гласовите имаше 35 пратенички места, а сега со 3,9 отсто дури 48.
Британското Друштво за изборна реформа направи симулација каков би бил распоредот на силите по 12 декември доколку гласањето би било според регионалната листа на пропорционална застапеност. Конзервативците и натаму би останале најсилна партија, но нивниот скор би бил за 77 места помалку, т.е. 288; лабуристите само малку би напреднале (од 203 на 216 места); либералните демократи наместо 11 би освоиле 70 места, Брегзит партијата наместо нула би имала 10 пратеници, Зелената партија од еден би скокнала на 12 пратеници. Голем губитник би биле и шкотските националисти од СНП, затоа што наместо 48, би имале 28 пратеници. Според оваа симулација, партиите што се за останување во ЕУ, или за втор референдум, би имале 340 места, а оние за излегување 306 (останатите четири места би биле за други).
Холандскиот модел
Помалите британски партии со години заговараат воведување пропорционален изборен модел, но двете големи партии, особено конзервативците, тоа го сметаат за политички ерес. И лабуристите за време на владите на Тони Блер имаа корист од овие несразмерни победи во однос на освоените гласови. Во 2010 година беше постигнат договор да се одржи референдум во Велика Британија дали изборниот модел да се промени во методот на „алтернативно гласање" сличен на оној во Германија. Референдумот одржан во 2011 година не успеа, излезноста беше 42 отсто, а од нив 68 отсто го одбија предлогот. Тој не успеа најмногу поради лобирањето на конзервативците. Најголемите десничарски весници беа гласно против промена, осудувајќи го пропорциналниот систем како конфузен и недемократски. Тогашниот премиер и лидер на Конзервативната партија, Дејвид Камерон, водеше жестока кампања против промена. Уште се паметат неговите изјави во кои тој „алтернативното гласање" го нарече „недемократско, мрачно, нефер и лудо". Сега, со оваа голема победа на Џонсон, дебатата за промена на изборниот систем е оставена настрана барем за деценија или две.
Што би можеле да направат домашните заговорници за воведување на една изборна единица и отворени листи? Најважно е да направат целосен проект како би требало да изгледа овој пропорцинален модел и за тоа да ја побараат јавната поддршка, а не во тоа да се поди со политичко ударништво. На пример, би можеле да ги разгледаат двете специфични европски искуства – оние од Германија и Холандија – за да се овозможи поголема репрезентативност на политичките интереси во Собранието.
Холандскиот е веројатно најпропорционалниот изборен систем. Земјата изборно е поделена на 20 дистрикти. Изборните листи во сите нив може да бидат исти, секаде да го има истиот носител, но може да има и различни кандидати согласно регионот. Нема изборен праг, но затоа има преференцијално гласање за кандидатите на листите. Гласачот може да ја заокружи целата листа, а може и плус да заокружи некои од кандидатите. Оној кандидат што ќе добие 0,154 отсто од вкупниот број гласачи во земјата (што е околу 70.000 гласа) автоматски станува пратеник без оглед на кое место се наоѓа на листата и без оглед колку гласови добила неговата партија. Бројот на пратениците од целите партиски листи се определува според Донтовата формула откако прво ќе заврши распределбата на мандатите од преференцијалното гласање. Ова може да изгледа комплицирано, но е технички лесно изводливо само што треба добра обука и добар софтверски систем.
Германскиот систем во некоја рака е комбиниран. Прагот за влез во парламентот е пет отсто, се гласа на две ливчиња – со првото се гласа за директен кандидат во конституенцата, а со второто, многу поважното, за партиските листи. Обично, директните кандидати се и на партиските листи. Бројот на мандатите според освоените гласови се распределува според Сан Лаги методот, кој е многу сличен со Донтовиот, но има една разлика. Донтовиот метод ги фаворизира поголемите партии во споредба со Сан Лагиевиот метод.
Пропорционалниот систем дава пораздробени изборни резултати, но е поправеден за политичките различности во земјата. Во најголемиот дел од земјите на ЕУ владите се составени од повеќепартиски коалиции произлезени од пропорциналното гласање. Формирањето на владите не е едноставно поради различните партиски интереси, нивното функционирање понекогаш изгледа комплицирано и донесувањето одлуки оди побавно, но во основа е поправедно затоа што ја оневозможува тиранијата на малцинството, кое преку мнозинскиот модел и против волјата на поголемиот дел од населението владее со земјата.
Менувањето на изборниот модел не е обврска или задача која треба да се носи ударнички. Подносителите на иницијативата во македонското Собрание требаше да направат детализиран предлог поткрепен со различни искуства, можеби со неколку варијанти, па најголемиот дел од партиите да можат да ги проектираат своите интереси и интересите на нивните гласачи. Но без огледа на оваа „врева за ништо" потегот, во основа, може да донесе корист, затоа што конечно ја отвори вратата за која се зборува подолго време. И сега, кога илјадниците амандмани ја запреа расправата за изборните промени, оваа дебата треба да продолжи по изборите и новите правила да бидат усвоени за следното парламентарно гласање. А тоа не е мал успех и не е залудно потрошено време.