1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Ердоган ја ос(вои)лободи Сирија

13 декември 2024

Турција инвестираше дебело и длабоко во Сирија, не само против Курдите, туку и против Иран, нејзиното влијание и сега е во позиција да ја одредува судбината на нејзината микро империја во регионот. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4o5YL
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и соборениот лидер на Сирија, Башар ал Асад
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и соборениот лидер на Сирија, Башар ал АсадФотографија: ADEM ALTANLOUAI BESHARA/AFP/Getty Images

Ердоган победи во војната за Сирија.  Но, ова е победа после која Сирија не постои и допрва ќе треба одново да се изгради. Чудото на Патот кон Дамаск и фактот дека  полувековниот режим на Асад се сруши како кула од карти  за само недела дена од една поприлично случајна армада, не ја доловуваат грандиозноста на милениумскиот подвиг. Неколку илјадници исламистички бунтовници ѝ наметнаа сосема неочекувана насока на блискоисточната и светска геополитика. Се разбира, никакво чудо, како успехот на Мохамед ал-Џолани немаше да се случи без инвестицијата на Анкара и нејзината воена, разузнавачка и дипломатска поддршка на бунтовниците. Бунтовници кои одеднаш треба да се претворат во државници и одново да ја издигнат разрушената и поделена земја. Потоа ќе треба да ги  убедат САД,  Израел, Русија и особено Турција, да ги евакуираат барем на хартија сириските територии кои ги држат, кои ги сакаат за себе или кои веќе ги имаат анектирано. Но, рано е за тоа да зборуваме.

Не случајно, човекот на моментот е турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, како што полека, но сигурно, човекот на векот за Турција станува  Реџеп Таип Ердоган.  Хакан Фидан е дипломатот позајмен од шпионите, човек кој повеќе од една деценија го водеше досието Сирија како шеф на разузнавањето од 2010-та до 2023-та и воглавно ги координираше воените и разузнавачките мисии против Курдите во Сирија, кои Анкара ги смета за продолжена рака на турските Курди од ПКК. 

„Векот на Турција“ под Ердоган може да започне!

Турција инвестираше дебело и длабоко во Сирија,  не само против Курдите, туку и против Иран, и нејзиното влијание и сега е во позиција да ја одредува судбината на нејзината  микро империја во регионот.  Границите можеби се уште не се променети, но влијанието е. Пред Ердоган, Турција се замислуваше како европска земја и сакаше да влезе во ЕУ. Денес, Анкара е најмоќната средна сила на светот и успеа да поврати голем дел од отоманските територии под сопствено влијание. „Векот на Турција“ под Ердоган може да започне!

Анкара гордо најави пред светот дека сака да ја преземе одговорноста со цел да ја гарантира безбедноста и унитарниот карактер на сириската држава. Проектот на Ердоган е кристално јасен и се фокусира на три точки: реконструкција, бегалци и Запад. Сирија допрва ќе треба да се гради, возобновува и реконструира. Турските фирми веќе се мобилизирани во таа насока, затоа што новите газди на Сирија имаат голем долг кон Анкара, кој сега ќе почне да се наплаќа. Тендери, концесии, инвестиции, на Сирија ќе ѝ биде потребна сериозна генералка, а голем дел од тоа ќе го плати со своите енергетски и минерални ресурси, како и со купувањето оружје за новата армија. Според стратешката визија на Ердоган, војската на Сирија треба да се претвори во еден вид на крило или посебен одред на турската армија.

Министерот Фидан најави дека Сиријците кои имаат најдено прибежиште во Турција од 2014-та година и кои веќе почнаа да се враќаат кон своите домови, ќе пристигнат здрави и живи. На тие луѓе ќе им требаат нови градови, нови станови и нова инфраструктура на место на актуелните рушевини. Нив ќе ги подигне Турција и турските градежни компании чии акции веќе почнаа вртоглаво да растат. Турција воедно, како гарант на Сирија, ќе мора да ги убеди Американците дека од пепелот ќе се воскресне една навистина „нова Сирија“, која нема да биде исламистичка, терористичка или антизападна. Турција пред САД и Трамп ќе мора да обезбеди и да осигура сериозна транзиција, а не нешто што ќе наликува на либанско или либиско сценарио, исполнето со периодичен или перманентен хаос. Или, ако Сирија биде или остане нечиј сателит, тогаш ќе биде само турски.

Стратешка позиција

Гледано стриктно геополитички, Турција веќе си обезбеди витална одбранбена длабочина, како на југот кон Курдите, така и кон Израелците со кои буквално доби копнена граница и кои веќе почнаа да се барикадираат и спремаат за одбрана на сириска територија. Летните горештини следната година би можеле да подранат на Блискиот Исток.

Сирија
Главната непознаница е дали Турција ќе успее да ги контролира новите газди во Дамаск и дали Ал-Џолани ќе се задоволи да биде вазал на ЕрдоганФотографија: AAREF WATAD/AFP/Getty Images

Турција важно влезе во својата тотална или неоотоманска империјална фаза. Тој којшто ја контролира Сирија, фактички го контролира источното Средоземје, Северна Африка, Арапскиот Полуостров и лесно може да си отвори пат кон Персискиот Залив и Индискиот Океан. За Анкара многу нешта ќе зависат од лојалноста на Ал-Џолани и неговите џихадисти, кои не би требало да се претворат во блискоисточни Талибанци, туку да се афирмираат како нормални и доста послушни политичари.

Во тој случај, Сирија ќе има некаква надеж да се развива, да ѝ се купи време внатрешно  да се помири и консолидира, додека надворешно нема да трпи притисоци од премногу актери, но на тој начин и неминовно ќе се претвори во сателит под водство на анатолиската империја, од ист ранг како Триполитанија, Северен Кипар, регионалната курдска влада во Ирак или Азербејџан. Сирија би станала само последниот додаток и аквизиција на Обединетите Турски Држави.

Главната непознаница е дали Турција ќе успее да ги контролира новите газди во Дамаск и дали Ал-Џолани ќе се задоволи да биде вазал на Ердоган. Како што многу нешта ќе зависат од тоа дали бунтовниците ќе успеат да обезбедат контрола над целата територија од земјата и дали Курдите и САД ќе се откажат од својот дел од колачот, речиси една третина од земјата. Планот на САД е јасен, сакаат Курдите да седнат на преговарачката маса и да добијат автономен регион, слично како и ирачките Курди. Тоа прашање пак ќе зависи од Трамп,  кој веќе изрази комплетна незаинтересираност за Сирија. Ако дозволи Анкара да биде американскиот концесионер во Сирија, тогаш играта на Ердоган е речиси завршена.

Но, и без тоа, и  чекајќи го Трамп,  едно е повеќе од јасно: Турција е победник, Иран е најголемиот губитник на кој му беше зададен речиси смртен удар, тотално истиснувајќи го од сириската географија и неговите врски со Ирак, Хамас и Хезболах.

Надвор од блискоисточните логики, останува да видиме колку падот на пријателскиот режим на Асад и губењето на „дијамантот“ Сирија за Русија, скапоцен камен чуван уште од времето на Советите, со цел да се избегне југот на НАТО и да се стигне до Средоземјето и Африка, ќе влијае врз Русите и врз Путин.  Путин сега ќе зависи  од волјата на султанот Ердоган со цел да ги сочува  вредните воени бази во Сирија. А мечот и натпреварот допрва треба да се префрлат во Украина, нешто што само ни потврдува колку  украинската и блискоисточната криза  се длабоко поврзани и се дел од истата равенка. Ердоган ќе сака и во Украина да има свое влијание, во најмала рака, како чесен посредник. До тогаш, Турците и Ердоган можат да уживаат во својата грандиозна победа.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.