1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСирија

По падот на Асад: ЕУ испраќа дипломат во Дамаск

ЕМФ | Тагесшау
16 декември 2024

По падот на Асад во Сирија, ЕУ оствари контакт со новите владетели на земјата: амбасадорот на ЕУ одговорен за Сирија во текот на денот ќе отпатува во Дамаск.

https://p.dw.com/p/4oCR6
ЕУ Каја Калас
ЕУ не може да дозволи „вакуум“ во Сирија, оцени Kaja КаласФотографија: Alaa Al Sukhni/REUTERS

По падот на Башар ал-Асад, Европската унија сака да воспостави директни канали за комуникација со новите владетели во Сирија. „Му дадов инструкции на висок европски дипломат во Сирија да отпатува во Дамаск за да воспостави контакти со новата влада и одговорните таму“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата во Брисел.

ЕУ-дипломатот се очекува во Дамаск подоцна во текот на денов (16.12.). Дипломатот за време на сириската граѓанска војна бил со седиште во либанскиот главен град Бејрут. Сепак, според Калас, допрва треба да се дискутира за тоа како да се разговара со новото раководство на Сирија и на кое ниво се прави тоа.

Калас: Нема да се дозволи „вакуум“

ЕУ не може да дозволи „вакуум“ во Сирија, оцени Калас. На средбата со европските шефови на дипломатии, таа сака да разговара за тоа како и на кое ниво Европејците би требало да се однесуваат со новите функционери во Сирија. Засега ЕУ нема контакт со исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ), која го собори сирискиот владетел Башар ал-Асад на почетокот на декември. ЕУ ја класифицира ХТШ како „терористичка група“ по примерот на Обединетите нации и воведе санкции против неа. Милицијата ХТШ го назначи својот претставник Мохамед ал-Башир за шеф на привремената влада и, според дипломатите, настапува поумерено.

Желба за стабилност

Според Калас, важно е да се разговара и за натамошните чекори кои може да се преземат доколку Сирија се развива во вистинската насока. „Сирија се соочува со оптимистичка, позитивна, но и прилично неизвесна иднина и ние мора да се погрижиме таа да оди во вистинската насока“, рече Калас. Луѓето сакаат земјата да биде стабилна и мирна и да има инклузивна влада.

ЕУ очекува новото сириско раководство да ги заштити малцинствата како Курдите и христијаните, изјави висок европски функционер пред министерскиот состанок. ЕУ, исто така, сака да укаже на ризикот од преостанатите две руски воени бази во Сирија. Русија со години го поддржуваше Асад. Сопствени дипломатски контакти со Дамаск претходно најавија и САД, Велика Британија и некои земји од ЕУ, како Франција и Италија.

Состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел се одржува за првпат со Каја Калас како претседавач, која е на функцијата две недели. Таа веќе учествуваше на меѓународниот состанок на министрите за надворешни работи во Јордан изминатиот викенд, на кој се разговараше и за ситуацијата во Сирија. На денешниот состанок најверојатно ќе стане збор и за овозможување на многуте бегалци кои живеат во Европа да се вратат од Сирија.