1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Земјотресот во Турција и Сирија и (гео)политичките последици

10 февруари 2023

Тресењето на земјата честопати знае да ги изнесе на виделина и не веднаш видливите пукнатини, разголувајќи ја природата на системот, а не само стабилноста на градбите. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4NJbG
Турскиот град Хатај е тешко погоден од катастрофалниот земјотрес
Турскиот град Хатај е тешко погоден од катастрофалниот земјотресФотографија: Alican Uludag/DW

Страотниот земјотрес кој ги погоди Турција и Сирија, каде за жал бројот на жртвите е осуден да расте, се случи во мошне неповолен момент за двете земји. Турција на Ердоган покрај тензиите околу претседателските и парламентарните избори закажани за мај, се соочува со рекордна инфлација, крах на берзата, енергетското досие и балансирањето помеѓу завојуваните страни во Украина, додека Сирија е во перманентна криза, внатрешно поделена и раселена, во граѓанска војна која трае веќе 12 години.

Катастрофалната геофизичка појава може да произведе подеднакво неочекувани и важни геополитички последици. Трагедијата може да делува како катализатор на растечкото незадоволство кон Ердоган, па оттука, многу ќе зависи од првичната реакција по земјотресот, за која претседателот веќе призна дека проблематично се одвива. Реакцијата од сега до 14-ти мај ќе биде одлучувачка дали Ердоган ќе биде потврден на врвот на Република Турција или пак ќе го одбележи крајот на неговото 20 годишно владеење.

Во случај Ердоган да биде соборен од народното изјаснување – нешто што делуваше крајно неверојатно пред земјотресот – тогаш тоа би имало огромни реперкусии врз целиот регион. Турција отсекогаш е клучна за источната и блискоисточната рамнотежа, а денес особено и во Црното море, каде се наметна како единствен посредник кој може да доведе до примирје помеѓу Русија и Украина. 

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

„Турција може сама“  

Од тие причини Ердоган се обидува, колку што може, да го „национализира“ одговорот на трагедијата. Преку 70 земји веќе испратија понуди за помош, меѓу кои САД, Русија, Кина, Шведска, Грција, Македонија, но прифатени се само 14 понуди, затоа што Ердоган сака да му докаже на светот и на турскиот народ, дека Турците можат сами и покрај огромната материјална штета и страотните човечки загуби. Доколку за некоја недела Турците се убедат во успешноста и ефикасноста на ердогановиот спасувачки одговор, тогаш најверојатно на изборите ќе победи референдумски, но во случај на нови проблеми, можеби ќе биде приморен на неортодоксни методи со цел да ја избегне својата абдикација. И пред земјотресот 63% од испитаниците во една анкета, изјавиле дека со Турција „лошо се раководи". Фактот дека најпогодени од земјотресот се делови од Турција каде живее големо курдско малцинство, може да придонесе за евентуални немири и протести. 

На страна на Ердоган и негова заслуга е што политичката конкуренција е доста сива. Доколку негов противник остане кандидатот на Републиканската народна партија, бледиот Кемал Киликдароглу, тогаш Ердоган може да се чувствува прилично комотно и сигурно. Дотолку повеќе што единствениот кандидат којшто имаше некакви шанси да го порази султанот, градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, беше осуден од диригираниот суд во Анкара на повеќе од две години затвор и му се забрани да извршува политички функции.

Се разбира, возможно е дека Ердоган ќе ја искористи ситуацијата во своја корист, па така тримесечната вонредна состојба, може да послужи за заострување на репресијата, додека големите човечки жртви и материјална штета, да послужат како оправдување за серијата на други, политички, финансиски и социјални грешки направени низ годините. Економскиот притисок врз се посиромашното население може да се покаже како одлучувачко за претседателските и парламентарните избори во Турција, каде лирата колабираше, инфлацијата галопира, додека странските резерви се повеќе се намалуваат.

Тресењето на земјата честопати знае да ги изнесе на виделина и не веднаш видливите пукнатини, разголувајќи ја природата на системот, а не само стабилноста на градбите. А турскиот систем се повеќе делува како нестабилен, што е последица на капиларната општествено-политичка контрола која Ердоган со години ја наметнува врз секоја јавна сфера од турското општество.

Расте гневот во Турција поради бавната помош

Во секој случај, од реакцијата кон земјотресот и од изборите ќе зависат состојбите во оваа голема средоземна сила, распната помеѓу Истокот и Западот, Северот и Југот, витална членка на НАТО, од која зависи влезот на Финска и Шведска, клучен чинител во Сирија и Либија, влијателна на Балканот, доминатор над Кавказот и туркофонските народи, вооружувач на Украина, посредник на Русија и формален сојузник, но и смртен непријател на Грција. Експанзионизмот, ревизионизмот и протагонизмот на Ердоган најверојатно ја достигнаа својата кулминација, развивајќи геополитичка моќ и влијателност каква што ниедна друга земја на светот, освен Турција, не би можела да проектира со своите ограничени економски, демографски и територијални основи. Рано е да се каже дали потресите од овие денови ќе придонесат да се расклати или дури целосно да падне Ердоган на мајските избори. Во најмала рака, станува збор за непредвиден настан во изборната кампања на султанот кој планираше и ветуваше дека ќе владее до крајот на деценијата, за така да го потврди своето име меѓу автократите на планетата.  

Беспомошноста на Сиријците  

Од другата страна на оваа ужасна трагедија се наоѓа Сирија, односно, нејзиниот северен дел, можеби и најпогодениот од 12-те години граѓанска војна. Мошне веројатно е дека последиците од земјотресот се најстраотни на сириската страна, затоа што градбите се далеку поранливи и набрзина подигнати за бегалците, затоа што помошта е далеку послаба и потешко може да пристигне, и затоа што во овој дел од Сирија се е покомплицирано. Било тоа поради уништените и минирани патишта, или затоа што покрај урнатите згради од земјотресот лежат срушените од бомбардирањето.

Повеќе од авторот:До кога Турција ќе го уценува НАТО и ќе се ценка со САД?

Северот на Сирија е поделен во 4 зони кои меѓусебно не комуницираат. Една е под контрола на режимот, друга со преку 3,5 милиони жители е под контрола на бунтовниците, во најголем дел исламисти, третата зона е под ефективна контрола на Турција, додека четвртата им припаѓа на Курдите. Воедно, границата помеѓу Турција и Сирија е милитаризирана, заштитена од бетонски ѕид долг стотици километри, и бранета од стражарски кули со турски војници. Невозможно е да се прејде од една кон друга страна, освен преку многу комплицирана процедура. Само овие поделби даваат слика за комплицираната логистичко-спасувачка ситуација на теренот. Ако најблиската болница се наоѓа во една од соседните зони, еднакво е како да не постои.

Аја, „бебето чудо“ родено под урнатините во Сирија

Зоната во рацете на сириските бунтовници и исламисти, со главниот град на провинцијата Идлиб, и во нормални услови е 80% зависна од надворешна помош и е претворена во камп за бегалци, каде преку 2 милиони внатрешно раселени Сиријци пронашле дом бегајќи од други делови од земјата поради конфликот или затоа што биле протерани од режимот на Асад. Сликите на Сиријци кои беспомошно се извлекуваат од под урнатините станаа вообичаена глетка во изминатите 12 години војна во Сирија. Во овие часови спасувачките акции се организирани од Сиријската цивилна заштита, група на волонтери специјализирани во извлекување на цивили од бомбардираните објекти. Целата хуманитарна помош за оваа зона поминува преку турско-сирискиот граничен премин Баб ал Хава - единствениот кој е загарантиран со резолуција на ОН. Но, тој договор мора одново да се прегласува секои 6 месеци, еднаш во јануари и еднаш во јули, и се користи за притисоци и игри помеѓу Сирија и меѓународната заедница, затоа што Дамаск во рамки на ООН може да смета на два силни сојузници, односно, Русија и Кина.

За да се забрза испораката на помошта за Сирија, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок сега побара да се отворат граничните премини меѓу Турција и Сирија. „Затоа е толку важно отворањето на граничните премини“, рече Бербок. Но, патиштата кои водат до границата се практично уништени, а дури и да не беа, нејасно е од кого да се бара одобрение. Во нормални услови тоа би било Турција, но во овие моменти е презафатена со сопствената катастрофа. 

Како да се помогне  

Градот Алепо е под контрола на режимот од 2016-та година, кога беше освоен после години опсада и благодарение на руските бомбардирања во стилот на оние врз Украина. Земјотресот бил исклучително моќен и срушени се десетици згради. Дури и градовите како Латакија и Тартус, кои отсекогаш останаа под контрола на Асад и не беа вмешани во војувањата се тешко погодени и разурнати. 

Повеќе од авторот: Збогум Курдистан - Ердоган, Трамп и ЕУ имаат поинакви планови

Сирискиот амбасадор во ООН, како и претседателот Башар ал Асад побараа секој вид на меѓународна помош да поминува од Дамаск, изјави кои не му се допаднаа многу на светот. Во овие години режимот на Асад масовно ја искористуваше меѓународната помош и во најголем дел ја задржуваше за себе, па оттука никој нема доверба во него. Воедно, постои стравот дека Дамаск, како и во минатото би ја користел дистрибуцијата на помошта како политичко оружје против секој еден бунтовнички град: „Ако се покорите ќе добиете храна и лекови, ако не, нема да добиете ништо“. Анита Староста, консултант за Сирија во хуманитарната организација Медико Интернешнал тврди дека праќањето помош е крајно проблематично:

„Бидејќи од минатото знаеме дека сите пари за помош што минуваат низ режимот и Дамаск одат и за финансирање на режимската структура - односно за организации за помош кои се поврзани со семејството Асад“. Асад засега не дозволува помошта да влезе преку други премини.

Организацијата за помош Сириско-арапска Црвена полумесечина, која е многу блиска до режимот, побара да се укинат санкциите против режимот за да може подобро да се обезбеди помош, но останува прашањето како меѓународната заедница ќе одговори на овој хуманитарен предизвик, двојно заробен од режимските политички цели. 

Македонскиот народ и држава во овие денови и часови демонстираа огромна солидарност со погодените од земјотресот, но од разбирливи, како и од погоре наведените причини, таа помош во најголем дел ќе заврши во Турција.

Со цел да се помогне на веќе и онака напатените Сиријци потребно е да се оди преку тоа што функционира за луѓето, а не преку трулиот режим на Асад кој преку катастрофата ќе бара меѓународна легитимација. Ова се сиријските невладини кои не се дел од механизмите на режимот.

https://www.whitehelmets.org/en/

http://www.sams-usa.net/

http://www.uossm.org/

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи