Коронавирус: Повеќе заразени, помалку болни
2 септември 2020Според актуелните податоци на германскиот Институт Роберт Кох, во неделата од 17 до 23 август пријавени се 9.200 новозаразени- речиси четири пати повеќе одошто пред шест недели. Од инфицираните за кои постоеле податоци за лечењето (а тоа се 6.981 лица), 323 морале во болница. Пред шест недели бројот на оние кои мораа болница беше само малку понизок.
Според податоците на Регистарот за интензивно лечење на германското здружение за интензивна и итна медицина, во моментов на интензивните одделенија има околу 240 пациенти. И таа бројка е доста стабилна, без оглед на зголемувањето на бројот на заразените. На средината на април повеќе од 2.000 пациенти беа на интензивна нега.
Една од причините што релативно мал број заразени луѓе заболуваат потешко, би можела да биде староста на пациентите. Според Институтот Роберт Кох, просечната старост на заразените сега е околу 32 години. На средината на април просечната старост беше 50 години. Притоа, во последните недели особено порасна бројот на заразени на старост меѓу 10 и 30 години.
Младите полесно се носат со заразата
Вирусологот Улф Дитмер од Универзитетска клиника во Есен нагласува дека младите луѓе и онака подобро излегуваат на крај со инфекциите од постарите. Освен тоа, тие по правило немаат претходни тешки болести поради кои и заразата со коронавирусот може да има потешки последици. Додека во неделата од 17 до 23 август само пет отсто од инфицираните морале во болница, на средината на април таа стапка била 20 отсто.
Според Дитмер, младите сега почесто се инфицираат бидејќи не се придржуваат до строгите хигиенски правила.
„Тоа дури и не може да им се замери. Биологијата не предвидела дека младите треба да држат дистанца едни од други“, вели Дитмер. Но можно е младите луѓе и повеќе да се тестираат и затоа почесто да се утврдува заразата кај нив.
Притоа, и можностите за лекување, според Дитмер, станале подобри. Антивирусните лекови како Ремдесивир сега се користат во раната фаза на болеста. Освен тоа, во изминатите месеци беа објавени повеќе студии кои се занимаваат со исправните начини за лечење на тешко заболените од Ковид-19.
Вирусот не е помалку опасен
Една од тезите за помалиот број тешко заболени е и дека вирусот можеби мутирал и дека не доведува до тешка болест. Но, Рихард Нехер од Универзитетот во Базел го отфрла тоа. „Вирусот не се промени битно од март до денес“, вели шефот на Одделот за истражување на еволуција на вируси и бактерии.
Вкупниот број на тестови постојано расте. Веќе со месеци се зголемуваат капацитетите за тестирање. Во последниот период, според наводите на Институтот Роберт Кох, за една недела во Германија се тестираат речиси еден милион луѓе. За споредба, на средината на април бројот на тестирање беше помал од 500,000. Уделот на позитивни тестови од почетокот на април падна од осум на помалку од еден отсто.
„Повеќе тестираме и пронаоѓаме повеќе луѓе без симптоми, без заболување“, вели Дитмер. И тоа би можело да биде причината за зголемувањето на бројот на новозаразените, а истовремено помалиот број на инфицирани кои боледуваат.