Сонот за една поинаква Турција
28 мај 2018Гаје Боралиоглу беспомошно гледа кон плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, кој во моментов е големо градилиште. Од едната страна се гради голема џамија, а од другата се урива културниот центар Ататурк, кој некогаш беше опера и долго време симбол на една Турција која тежнее кон Европа. „По протестите за паркот Гези уништија сѐ. Улици, стебла, сега тука е само бетон“, вели писателката Боралиоглу.
И навистина овде среде градот ништо повеќе не потсетува на масовните протести пред пет години, кога стотици илјади граѓани излегоа на улиците за да протестираат против самоволието, на тогашниот премиер, Реџеп Таип Ердоган. „ Протестот Гези имаше сопствена енергија. Бунт, но со хумор. Тоа беше нашата надеж за некое ново општество“, вели Боралиоглу.
Многу повеќе од самиот парк
На протестите тогаш се најде едно шарена група: леви либерали, фудбалски навивачи, Курди, жени во шамии. Турското општество во ретко видено единство против сѐ поавторитарниот стил на владеење на Ердоган и неговата партија АКП. Повод за протестите беа плановите на властите во паркот Гези, на еден зелен дел на плоштадот Таксим, повторно да ги изгради османлиските касарни кои стоеле на ова место до 1940 година и во нив, меѓу останатото, да смести трговски центар. Демонстрантите со денови кампуваа во паркот. И писателката Боралиоглу често навраќала и среќавала многу стари пријатели. „Атмосферата беше единствена: во еден агол заеднички се готвеше, во друг се танцуваше. Сите меѓусебно си помагаа, сите беа среќни“, се присетува Боралиоглу. Но полицијата и покрај мирните протести со водени топови и солзавец се обидуваше да ги растера насобраните граѓани. Ердоган демонстрантите ги нарече „терористи“.
Повеќе:
-Мутацијата на Реџеп Таип Ердоган
-Нема правда за жртвите од паркот Гези
-Турција: Испит на зрелост за духот од Гези-паркот
„Заговор против Турција“
Турското општество беше поделено во однос на овие протести. Според истражувањето на институтот Конда 40 насто граѓани ги поддржуваа протестите, а повеќе од 50 сметаа дека станува збор за „заговор против Турција“. особено приврзениците на АКП се согласуваа со ова тврдење.
Гаје Боралиоглу своите искуства од паркот Гези ги обработи во кратка приказна: „Вооружени униформирани со големи возила се нафрлуваат на граѓаните. Во нивните слаби тела вперуваат водени топови и цел свет го замаглуваат со својот солзавец додека не му стават крај на сѐ“. Нејзините јунаци се бестрашните граѓани, мажи и жени, тинејџери и пензионери кои му се спротиставија на државното насилство.
Паркот Гези е сѐ уште тука, но оттогаш се променија многу нешта. И најмал знак за некаков протест на плоштадот Таксим веднаш се задушува уште на самиот почеток. Тогаш, пред пет години, во протестите загинаа најмалку пет граѓани, а повередени беа повеќе од 8 илјади. Ердоган сега е на претседателската функција и ја прошири својата моќ. Работите дополнително се влошија по обидот за државен удар во јули 2016 година. Оттогаш стотици илјади луѓе се уапсени. Голем број интелектуалци, државни службеници, уметници се суспендирани, многумина ја напуштија земјата и пребегаа на Запад. „Многу од нас седат во затвор, многумина побегнаа, но ние не се откажуваме. Имаме свои мисли и свои моливи и натаму же пишуваме“, порачува гаје Боралиоглу.
Решавачки избори
За нешто помалку од еден месец во Турција се одржуваат претседателски и парламентарни избори. Претседателот Ердоган сака цврста потврда на својата позиција. Ако победи ќе го спроведе во дело она што му го овозможи минатогодишниот референдум: уставни промени, со кои во Турција би се вовел претседателски систем- со речиси неограничени овластувања за Ердоган. Засега не е јасно колкави шанси има опозицијата да го спречи ваквото сценарио. Гаје Боралиоглу нема загубено надеж: „Гези беше сон, сон за човечност. Ние веќе еднаш го живеевме тој сон и зошто да не се повтори тоа?“